Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека се сретнал со директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Барнс во Украина.

-Барнс сега ја посети Украина за последен пат како директор на ЦИА, рече Зеленски во пораката објавена на Телеграм, додавајќи дека двајцата имале многу средби за време на војната, но дека за повеќето од нив не се разговарало во јавноста.

-Тој и јас имавме многу средби за време на оваа војна и јас сум благодарен за неговата помош. Обично таквите средби не се објавуваат, а сите наши состаноци во Украина, во другите европски земји, во Америка и во другите делови на светот се одржаа без официјални информации, рече Зеленски.

САД се најважниот финансиски и воен поддржувач на Украина во војната што започна пред речиси три години. Вашингтон, исто така, редовно споделуваше воено разузнавање со Украина за да ја поддржи нејзината одбрана.