Лидерите на земјите-членки одлучија да ги отворат пристапните преговори со Украина и Молдавија, ѝ одобрија кандидатски статус за Грузија, а преговорите со Босна и Херцеговина ќе бидат отворени кога ќе ги исполнат критериумите за членство.
„Европскиот совет одлучи да ги отвори пристапните преговори со Украина и Молдавија“, објави денеска Шарл Мишел на социјалната мрежа Х. Засега не се познати детали кога ќе се одржи првата меѓувладина конференција за пристапување или кога ќе биде усвоена преговарачката рамка. Тројца европски дипломати потврдија дека унгарскиот премиер Виктор Орбан ја напуштил просторијата во моментот кога била донесена одлуката.
На социјалните мрежи се огласи и украинскиот претседател Володимир Зеленски. „Ова е победа за Украина. Победа за цела Европа. Победа која мотивира, инспирира и зајакнува“, напиша тој.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја напушти просторијата кога лидерите донесоа одлука за отворање на пристапните преговори со Украина, потврдија за Гардијан тројца европски дипломати. Набрзо и самиот Орбан се огласи преку Фејсбук и повтори дека Украина не е подготвена да ги започне пристапните преговори.
„Унгарија не ја менува својата позиција“, порача тој, додавајќи дека другите 26 земји-членки инсистирале да преземат чекори за отворање на преговорите со Киев. Како резултат на тоа, рече тој, Унгарија одлучила другите членки да одат по својот пат.
Во изјавата за новинарите, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел рече: „Ќе ги отвориме преговорите и ќе биде објавен извештај во март, а врз основа на тоа ќе донесеме одлука“.
„Ова е исклучително важно бидејќи сакаме да ја поддржиме Украина. Ова е многу силен политички сигнал, тоа е многу моќна политичка одлука и вечерва мислам на народот на Украина – ние сме на нивна страна и оваа одлука е донесена од членките и е исклучително важна за Европската унија“, смета Мишел.
Запрашан како е донесена одлуката со оглед на заканата на Орбан дека ќе стави вето на отворањето на преговорите, тој се повика на правилата на Европскиот совет кои бараат едногласност за такви одлуки. „Работевме многу за да го заштитиме Европскиот совет, важно беше ниту една земја-членка да не се спротивстави на одлуката и затоа бевме во позиција да го објавиме ова вечерва“, рече тој.
Изјава даде и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. „Лидерите одлучија да ги отворат пристапните преговори со Украина и Молдавија и да ѝ доделат кандидатски статус на Грузија. Стратешка одлука и ден што ќе остане запишана во историјата на нашата Унија. Горди сме што ги исполнивме нашите ветувања и сме воодушевени со нашите партнери“, рече таа.
Задоволството од одлуката не го криеше ниту естонската премиерка Каја Калас. „Историски ден! Наспроти сите шанси, донесовме одлука да ги отвориме пристапните преговори со Украина и Молдавија. И Украина и Молдавија ја завршија својата домашна задача и се подготвени да ги преземат следните чекори за приклучување кон нашето европско семејство“, рече таа.