Генралниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски и директорот за енергетика во Европа од ЕБРД, Грегош Зеленски ја посетија фотонапонската електроцентрала „Осломеј- 1” од 10 мегавати во Кичево, чија изградба беше финансирана со поволна кредитна линија од ЕБРД и која е веќе функционална.
Европската банка за обнова и развој ќе продолжи со финансиска поддршка на зелената агенда на АД ЕСМ. Со поволни финансиски услови ќе се влезе во изградба и на два други проекти, кои се веќе во фаза на подготовка, а тоа се фотонапонска електроцентрала „Осломеј-2” со инсталирана моќност исто така од 10 мегавати и фотонапонска електроцентрала „Битола-1” од 20 мегавати.
Според ЕСМ, овие три електрани ќе бидат доволни за снабдување со електрична енергија на околу 10.000 домаќинства.
При посетата, директорот од ЕБРД, Грегош Зеленски порача дека е многу важна транзицијата на зелена енергија низ земјите од Европа, особено во земјите од западен Балкан кои се зависни од фосилни горива.
-Апсолутно задоволство е да се види завршената изградба на соларните панели. Ова е најдобар пример како ЕБРД во соработка со нашите бизнис партнери може да испорача транзиција на зелена енергија, во овој контекст ЕСМ може да смета на нашата континуирана поддршка, изјави Зеленски.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски се заблагодари на ЕБРД за соработката во рамките на зелената аенда.
-Ние сме насочени кон изградба на нови сончеви електрани и ни значи целокупната поддршка која континуирано ја добиваме од нашите партнери како енергетска компанија ориентирана кон инвестиции во обновливи извори и спроведување на енергетската транзиција, за што сме препознати како пример од страна на Енергетската Заедница, рече Ковачевски.