Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска соопшти дека имал суштински телефонски разговор со пратениците на Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.

– Украина е решена да продолжи да работи совесно со американската страна, за навистина да се постигне мир. Договоривме наредни чекори и формати за разговори со САД“, напиша Зеленски на Х.

Виткоф и Кушнер претходно во текот на неделата беа во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Во Мајами три дена се водат разговори меѓу американски и украински претставници. Виткоф учествува во нив од страна на САД, а Украина е претставена од Рустем Умеров. Кушнер исто така учествуваше во разговорите.

Се очекуваше Виткоф да го информира Умеров за средбата со рускиот претседател во Москва. Зеленски сега изјави дека го чека Умеров да му поднесе детален извештај за разговорите со Виткоф, кога ќе се врати во Киев.

– Не може за сè да се разговара преку телефон, затоа треба да работиме во тесна соработка со нашите тимови во однос на идеите и предлозите, рече Зеленски.

– Нашиот пристап е дека сè мора да биде изводливо – секоја важна мерка за мир, безбедност и обнова, додаде тој.