Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека неговата земја е подготвена да продолжи со извоз на своето жито преку Црното Море и покрај најавата на Москва за „де факто“ раскинување на договорот.

„Дури и без Русија, мора да се направи се за да можеме да го користиме овој коридор (за извоз) во Црното Море. Не се плашиме“, рече Зеленски.

Кремљ денеска соопшти дека договорот за извоз на украински жита е прекинат.

Потпишан во јули 2022 година во Истанбул и веќе двапати обновен, договорот со кој се дозволува Украина да го извезува своето жито преку Црното Море дозволи околу 33 милиони тони жито да се извезат од украинските пристаништа во текот на изминатата година, и покрај конфликтот.