Украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе стори сé за да го врати полуостровот Крим, кој беше припоен кон Русија пред седум години, и ги повика меѓународните сојузници да ги поддржат овие напори.
Тој зборуваше на самитот Кримска платформа, кој Украина го организираше за да го зголеми притисокот врз Русија поради анексијата во 2014 година, која поголемиот дел од светот ја прогласи за нелегална. Ова придонесе за исклучително заладување на односите меѓу западните земји и Русија.
Во воведниот говор, Зеленски вети „дека ќе стори сé за да го врати Крим, така што Крим, заедно со Украина, ќе стане дел од Европа“.
– За тоа ќе ги искористиме сите можни политички, правни и, пред се, дипломатски средства, рече Зеленски, додавајќи дека на Киев му треба „ефикасна поддршка на меѓународно ниво“.
На самитот присуствуваа високи претставници од 46 земји и блокови, вклучувајќи ги САД, ЕУ и Турција. На самитот имаше претставници од сите 30 земји -членки на НАТО.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков го осуди самитот како „антируски настан“.
Зеленски ја обвини Русија дека го претвори Крим во „воена база“ и „упориште за Русија да го зголеми своето влијание во регионот на Црното Море“. Тој рече дека Москва тројно го зголемила своето воено присуство на Крим.
Во април, Русија го зголеми бројот на војници во близина на нејзините граници со Украина, вклучувајќи го и Крим, што предизвика бес кај меѓународната заедница.
– Окупацијата на Крим ја доведува во прашање ефикасноста на целиот меѓународен безбедносен систем, рече украинскиот претседател.
Тој нагласи дека без доверба во меѓународниот безбедносен систем, ниту една земја не може да биде сигурна дека нема да стане следната жртва на окупацијата.