Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во Отава се сретна со канадскиот премиер Џастин Трудо на кого му се заблагодари за канадската поддршка на Украина.
– Сакам да ви се заблагодарам што бевте домаќини на Украинците во овој тежок период и ни помогнавте на бојното поле, воено, финансиски и хуманитарно, што е клучно, рече Зеленски.
Украинскиот претседател навести дека можеби ќе ја посети Канада со своите деца „по победата“ во војната на Украина со Русија.
– Ви благодариме што останавте со нас, рече Зеленски, додавајќи дека Канада ја поддржува Украина уште пред инвазијата.
Трудо рече дека средбата била можност да „седне и да разговара за сите работи што треба да ги направиме заедно“ и да заземе силен став против Русија. Канадскиот премиер рече дека Канада стои „силно и недвосмислено“ со Украина.
Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, исто така, е во Отава на билатерални разговори со неговиот канадски колега во обид да ја зајакне воената поддршка.
Претседателот на Украина подоцна ќе се обрати во канадскиот парламент во Отава и ќе одржи прес-конференција со Трудо, пред да замине за Торонто на средба со бизнис лидерите и да зборува на друг настан таму.