За потребата сите нелегални пристигнувања да завршуваат во механизам за релокација координиран од Европската Комисија, се согласиле надлежните министри за миграција од МЕД5, односно од Грција, Кипар, Малта, Италија и Шпанија за време на нивната видеоконференција околу преговорите за новиот европски пакт за миграција и азил, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од Министерството за миграција и азил на Грција, на состанокот организиран од Италија, министрите се фокусирале на пристапот што ќе го следат за иницијативата на француското претседателство со ЕУ и се согласиле следните седмици, на заеднички, унифициран начин да ги презентираат нивните позиции, почнувајќи од Советот за внатрешни работи во март и да побараат конкретни заложби за одговорноста и солидарноста.
Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис рекол дека „сега, повеќе од било кога, треба да го потврдиме нашето единство и на претседателството да му претставиме конкретни предлози и црвени линии“.
-Досега, во техничките дискусии, нашите потреби и забелешки не беа секогаш целосно земени во предвид. Ова треба да се промени. Ние сме подготвени да го следиме пристапот чекор-по-чекор, но мораме да ги видиме нашите предлози целосно рефлектирани во текстовите. Мора да постои симетрија меѓу одговорноста и солидарноста, рекол Митаракис.
Истакнал дека за Грција, механизмот за релокација е гаранција за празнење на камповите и треба да се активира кога исполнетоста на затворените центри на надворешните граници ќе достигне до 50 отсто од вкупниот капацитет.