Нов земјотрес со интензитет од 4,9 степени според Рихтерова скала утрово во 7:50 часот повторно го погоди централниот дел на Хрватска.
Европскиот медитерански сеизмолошки центар објави дека епицентарот се наоѓал во близина на Петриња, исто како и првиот потрес кој се случи рано утрово во 6:28 часот.
Жители на Петриње тврдат дека почувствувале силно затресување.
Хрватската Сеизмолошка служба соопшти дека денеска во 6:28 часот е регистриран земјотрес со епицентар пет километри југозападно од Петриња, со интензитет од пет степени според Рихтерова скала.
Земјотресот бил почувствуван во Загреб, Риека и Сисак, каде голем број граѓани излегле на улиците поради страв од нови потреси. Во целиот град се огласиле аларми на автомобилите, а според првичните информации, во становите е причинета значителна штета.
Сеизмолошка служба: Можни се нови потреси
Шефицата на Сеизмолошката служба на Хрватска, Инес Иванчиќ, ги предупреди граѓаните на можноста од нови земјотреси во наредните часови и денови во областа Петриња и Сисак.
Првиот земјотрес се случи во 6:28 часот, со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала, проследен со два малку послаби, кои беа со изнтензитет со 4,7 и 4,1 степени
Земјотресите во Петриња и Сисак ги почувствуваа и граѓаните на Запрешиќ, Бјеловар, Вировитица, Копривница, Огулин, Риека и други градови.
– Ако магнитудата беше пет, тогаш можноста за последователни земјотреси е многу веројатна, рече Иванчиќ.
Со неа се согласува и сеизмологот Маријан Херак од Геофизичкиот отсек на ПМФ во Загреб. Во изјава за ХРТ тој рече дека денешниот потрес дефинитивно не е дел од истата серија како оној загрепскиот од 22 март, туку станува збор за друго епицентрално подрачје и нагласи дека сигурно ќе има уште потреси во тоа подрачје.
Два часа по првиот земјотрес, што утрово ги погоди Петриња и Сисак, со јачина од пет степени, граѓаните се уште беа на улиците поради стравување од нов потрес.
Во селото Брест Покупски, со околу двесте жители, речиси и да нема куќа што не е оштетена, пишува загрепски „Јутарњи лист“. Покривите на некои куќи се распукаа, а покривот на локалната месна заедница е сериозно оштетен.
Лустери, искршени кујни и испукани sидови е глетката во многу куќи.Весникот пишува дека центарот на Петриња претрпел значителни штети.
На теренот има пожарникари кои отстрануваат оџаци од одредени куќи и згради затоа што постои опасност од нивно уривање.
Во меѓувреме хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседателот Зоран Милановиќ пристигнаа во Сисак, придружувани од министерот за здравство Вили Берош.
– Дојдовме да ги поддржиме нашите сограѓани во Петриња и Сисак. Каква што беше годината, така и заврши. Земјотресот беше во исто време како оној во Загреб. Хрватската војска е во Петриња да помогне во расчистувањето. Има поголеми штети во Петриња. – За среќа, тука нема голема штета, рече Пlенковиќ.