Педесет и три годишна жена од Тетово била ранета додека присуствувала на свадбена веселба во Тетово, а во друг одвоен случај куршумот завршил во ветробранско стакло на автомобил на автопатот Тетово – Гостивар, соопшти МВР.
Вчера, како што стои во соопштението, во 21:50 часот во Секторот за внатрешни работи Тетово од тетовскиот Клинички центар било пријавено дека кај нив била донесена Ф.А. (53) од Тетово со нанесена повреда на левата надлактица од огнено оружје.
Жената додека била на свадбена веселба во дворот од куќа на улицата „Полог“ во еден момент се пожалила на болки, по што од еден присутните била пренесена во Клиничкиот центар.
Дека зачестија заскитани куршуми на свадби кои се одржуваат во овој период, сведочи и друг инцидент поврзан со свадбена веселба.
МВР соопшти дека вчера во 15:20 часот телефонски во Полициско одделение Камењане А.Р.(27) од струшко Богојци, пријавил дека движејќи се со автомобил „БМВ“ со австриски таблици на автопатот Тетово – Гостивар, по наплатната рампа Тетово, каде што поминувала колона на возила, при семејна веселба, слушнал истрели од огнено оружје.
Потоа видел дека ветробранското стакло било оштетено од куршум. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР-Тетово, при што било пронајдено едно зрно од испукан куршум и било подигнато и предадено за помнатамошна постапка.
МВР додава дека се работи на целосно расчистување на случаите.