Тара Рид, жената која го обвинуваше американскиот претседател дека сексуално ја нападнал се пресели во Москва, пишува Си-Ен-Ен. Тара тврдеше дека Бајден ја вознемирил додека таа работела во неговата канцеларија во 1993 година, а при доаѓањето во Москва во вторникот рече дека конечно се чувствува безбедно.
– Кога излегов од авионот во Москва, за прв пат по многу долго време се чувствував безбедно, се чувствував слушнато и се чувствував почитувано. Тоа не се случило во мојата земја – им рече таа на новинарите.
Бајден пак, пред три години во интервју за МСНБЦ рече дека „недвосмислено вели дека тоа, никогаш, никогаш не се случило. Тоа не беше. Такво нешто никогаш не се случило“. Никој од останатите колеги на Тара Рид исто така не посведочи дека имало какво било сексуално вознемирување.
Рид рече дека одлучила да дојде во Русија по смртните закани што ги добила оваа година. Таа ги повтори своите обвинувања во врска со Бајден и објави на Твитер дека е подготвена „да сведочи под заклетва во Конгресот, доколку тоа биде побарано од неа“.
Рид рече дека „оваа илузија за Русија како непријател е пропагирана од неколку елити во Вашингтон кои се решени да предизвикуваат проблеми“.
Интересно е што таа беше видена како одговара прашања пред новинарите седејќи до Марија Бутина, која пак е осудена шпионка на Кремљ.
На Бутина во 2019 година ѝ беа изречени 18 месеци затвор во САД затоа што дејствувала како нерегистриран странски шпион, а сега е членка на партијата на Владимир Путин.