Судија нареди 39-годишната жена осомничена за напад со нож на главната железничка станица во Хамбург да биде предадена на психијатриска установа, соопшти полицијата во саботата. Во напад со нож во петокот беа повредени 18 лица во овој северен германски град.
Осомничената, која набрзо по инцидентот е приведена, доби кривична пријава за обид за убиство на 15 лица со тешки телесни повреди. Според претходните полициски извештаи, нападот не бил политички мотивиран.
„Напротив, постојат многу јасни индиции дека осомничената е ментално болна“, соопшти полицијата.
Осумнаесет повредени се на возраст од 19 до 85 години. Три жени на возраст од 24, 52 и 85 години, како и еден 24-годишен маж се пренесени во болница со повреди опасни по живот. Полицијата во саботата соопшти дека сите се стабилни. Седум други лица се тешко повредени, а седум се здобиле со полесни повреди.
Нападот бил прекинат благодарение на храбрата интервенција на двајца случајни минувачи.