Со 61 глас ЗА, Собранието го разреши пратеникот од БЕСА Фадил Зендели од Комисијата за избори и именувања.

Гласаа само пратениците од власта, а опозицијата ја напушти собраниската сала. Сега, на местото на Зендели ќе седне пратеник од редовите на СДСМ, и на тој начин власта по неколку месеци ќе го врати мнозинството во ова работно тело, каде меѓу другото, треба да се изберат четворица уставни судии. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ обвинија за кршење на Деловникот и прв чекор до целосна партизација на Уставниот суд.

Владејачките партии не гледаат неправилности во процедурата. Според нив Зендели требало самиот да си поднесе оставка од член во комисијата, исто како што го отстапил потпретседателското место во Собранието откако БЕСА излезе од нивната коалиција.

Расправата за Зендели траеше три дена со жестоки кавги меѓу пратениците. Сите опозициски партии застанаа во одбрана на пратеникот од БЕСА кој од власта премина во опозиција и стана клучниот седми глас во Комисијата за избори и именувања. Вината ја лоцираат во собранискиот спикер Талат Џафери бидејќи, според Деловникот, велат дека воопшто не е дозволено да се рекомпонира комисијата која е избрана на Конститутивната седница.