Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес се сретна со Ана Дуковска, претседателка и ко-основачка на здружението „Јас сум Жена”- организација која има за цел да им помогне на жените да изградат силни професионални мрежи и да добијат менторство од искусни лидери и Валентина Дисоска, претседателка на Асоцијацијата на бизнис жени.
Трите соговорнички – жени со силна визија и резултати зад себе – разговараа за иницијативи кои ќе поттикнат поголема застапеност на жените во енергетиката и во бизнис заедницата, со заеднички заклучок – време е повеќе жени да влезат таму каде што се носат енергетските и економските одлуки.
„Во Министерството ја поддржуваме секоја иницијатива која им дава простор и глас на жените во енергетиката. Овој сектор бара визија, знаење и храброст – а токму тоа жените го имаат. Време е нивната експертиза и лидерски потенцијал да бидат видливи и во енергетиката. Ние не бараме квоти, туку квалитет“, изјави министерката Сања Божиновска.
Валентина Дисоска истакна дека поддршката од институциите е клучна:
„Особено е значајно што министерка како Сања Божиновска активно се вклучува во вакви иницијативи. Тоа е вистински пример како жените на позиции на одлука можат да отворат простор за другите.“
Ана Дуковска додаде силна порака:
„Силните жени мора да се здружуваат и да работат заедно. Само така ќе изградиме поколение жени кои нема да прашуваат дали можат – туку ќе покажат дека можат.“
Средбата заврши со согласност за натамошна соработка во рамки на конкретни програми и настани кои ќе ја зголемат видливоста и улогата на жените во енергетиката, иновациите и бизнисот.