Македонскиот амбасадор во Романија, Андреј Жерновски, реагираше на обвиненијата на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, дека бил поставен „на диво“.
Тој објави фотографија од предавањето на неговите акредитиви во романското Министерство за надворешни работи како доказ за неговата официјална амбасадорска функција.
Тој објасни дека со медиумите ќе мора да се сретне на суд поради клеветничките тврдења, бидејќи, како што посочи, тоа сериозно го нарушува неговиот углед.
Жерновски истакна дека ќе достави и лична карта, издадена од романските власти, која потврдува дека е амбасадор на Република Македонија во Букурешт.
Министерот Муцунски истакна дека во случајот со Жерновски и други амбасадори, се водат внатрешни процедури во Министерството за надворешни работи, што ќе доведе до понатамошни информации кога процесите ќе завршат.
Еве што објави Жерновски:
Откако од медиумите дознав дека, како амбасадор, сум се тепал по официјални приеми во Романија, за што следеше приватна тужба од моја страна, вчера на истиот начин дознав нова вест- дека сум бил амбасадор “на диво”.
Не знам на тие медиуми од каде им е и кој им ја кажал оваа “генијална” теза, но знам дека со некој од нив ќе мора да се видиме на суд. Не дека го сакам тоа, но мора да се воспостави ред, бидејќи клеветењето и нанесувањето штета на нечиј личен углед и интегритет е крајно сериозна работа, колку и објавувачите или пренесувачите на вакви невистини да не ги поседуваат наведените особини.
Како доказ за трагикомичните лаги, денеска ја објавувам фотографијата од предавањето на моите акредитиви во романското МНР. Дополнително, онаму каде ќе биде потребно, ќе ја доставам и мојата лична карта во Романија, која се издава на дипломати, на која пишува дека сум амбасадор на Република Северна Македонија во Букурешт. Истата е издадена од Министерството за надворешни работи на Романија.
Многу ми е жал што, поради внатрешните процедури во нашето МНР, разбирливо, не смеам да давам службени изјави додека трае мојот амбасадорски мандат. Се разбира, кога истиот ќе заврши, со задоволство и со страст ќе ги отвориме сите теми.
До тогаш, со оние кои шират лаги и клевети, ќе се гледаме на суд.