За краток период успеавме од национализам да преминеме кон интернационализам, истакнал заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, на средбата со Делегација на Одборот за европски работи на Саборот на Република Хрватска, предводена од претседателот на Одборот, Домагој Милошевиќ.

На средбата биле реафирмирани одличните и пријателски  билатерални односи меѓу двете држави,  како темел за натамошна успешна соработка во сите сфери од заемен интерес.

Жерновски, како што соопшти МНР, упатил благодарност за силната и безрезервна поддршка од Хрватска за евро-атлантските интегративни процеси на Македонија. Во тој контекст, нагласил дека нашата земја постигна суштински напредок како на домашен, така и на надворешен план и оти очекува земјите-членки на ЕУ да го земат предвид исклучителниот степен на исполнување на обврските и нашата целосна подготвеност за почеток на преговорите да биде валоризирана со определување на конкретен датум, на следните самити на Советот на ЕУ.

-За еден краток период, успеавме од национализам да преминеме кон интернационализам, истакнал Жерновски на средбата, при што оценил дека Македонија направи голем исчекор кон стратешките цели за ЕУ и НАТО интеграцијата.

Соговорниците од Хрватска изразиле силна поддршка за интегративните процеси во Македонија, за што говори и упатеното писмо од нивна страна до претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, како и до премиерката на Романија, Виорика Данчила, земја претседавач со Советот на ЕУ, во кое од европските лидери се бара неодложна одлука за определување на датум за преговори на престојниот јунски Самит.

-Таквата конкретна одлука ќе значи признавање на остварениот напредок, реализиран во комплексен политички контекст, ќе биде од интерес на сите семји од Југоисточна Европа, а ќе придонесе и за стабилноста не само на регионот, туку и на цела Европа, се наведува во писмото.

Делегација на Одборот за европски работи на Саборот на Хрватска кои престојува во официјална посета на Македонија во периодот 4-ти до 6 јуни.