Ниту на 1 мај, претседателот Емануел Макрон не беше поштеден од протести на синдикатите ширум земјата.

„Овој 1 мај ќе биде пресвртница“, рече Софи Бине, лидер на левичарскиот синдикат Се-Зе-Те, надевајќи се дека повеќе од еден милион луѓе ќе се соберат на плоштадите.

Таа посочи дека работниците нема да продолжат понатаму додека не се повлече пензиската реформа.

Одлуката да се зголеми старосната граница за пензионирање за две години, од 62 на 64 години, го чинеше Макрон неговата популарност, која падна на најниско ниво од протестите на Жолтите елеци.

Беа забележани и жестоки судири меѓу полицијата и демонстрантите во Париз. На булеварот Волтер, во близина на метрото Шарон, како и на плоштадот Леон Блум беше многу тензично.

Излозите на продавниците се искршени, а целта обично е она што најрадикалните го сметаат за симболи на либералниот капитализам, како што се излозите на банките, осигурителните компании или рестораните за брза храна.

Немирите ги водат „црните блокови“, чии членови дојдоа од странство. Демонстрантите запалија барикади и фрлаа камења и петарди кон полицијата. Полицаец е повреден од фрлен „молотов коктел“ во Париз и на помош му дошле колегите.

Полицијата возвраќа со палки и димни бомби. До 17 часот биле уапсени 180 лица низ цела Франција , а 53 во Париз. Овие бројки во меѓувреме се далеку зголемени, наведуваат француските медиуми.

Немири имаше и во Лион, Нант, Рен. Во Марсеј демонстрантите упаднаа во хотелот „Интерконинетал“.