Компанијата „Atlantic Incubation Partners LCC“, сопственост на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, откако официјално објави повлекување од договорот со Владата на Србија за изградба на луксузен хотел во Белград, сега го „замрзна“ договорот со албанската влада за изградба на туристички центар на островот Сазан.

-На истиот датум, 15 декември 2025 година, кога го објави повлекувањето од договорот со Белград, сличен сигнал за повлекување бил даден и за проект „Туристички центар – остров Сазан“, каде инвеститорот Џаред Кушнер ги одложил роковите за почеток на процедурите за спроведување на договорот, преку известување упатено до албанската влада, објави „Лајме јаворе“ во написот под наслов „ Сензационално! Фамилијата на Доналд Трамп го „замрзна“ договорот за островот Сазан“.

Според информациите објавени и од други албански медиуми компанијата на Кушнер, инвеститор на проектот Сазан, одлучила да го продолжи рокот за реализација на договорот за една година, односно до крајот на 2026 година.

Ова известување е испратено до Комитетот за стратешки инвестиции, Министерството за економија и иновации, Албанската инвестициска корпорација и компанијата изведувач „Албанска државна Дивелопмент риел естејт“.

„Официјалните причини зошто Џаред Кушнер одлучил да го одложи договорот за започнување на процедурите за проектот на островот Сазан сè уште се непознати, но, сепак, оваа одлука предизвика загриженост во албанската влада. Причините остануваат јавно непознати, но неодамнешните случувања укажуваат дека многу дискутираниот договор за Сазан влезе во фаза на длабока политичка и економска неизвесност. Продолжување на рокот до крајот на 2026 година, може да е знак предупредување дека проектот за островот Сазан може трајно да биде откажан, констатира „Лајме јаворе“.

Компанијата планираше да инвестира околу 1,4 милијарди евра за изградба на комплекс од вили и хотели на 45 хектари земја на островот Сазан, кој бил воена база во времето на Студената војна. Со уредбата потпишана во декември 2024 година, од претседателот Бајрам Бегај, островот беше отстранет од списокот на локации за распоредување и обука на вооружените сили на земјата.

Албанскиот премиер Еди Рама тогаш изјави дека, од островот Сазан, инвестицијата на Кушнер, ќе направи „бисер на туризмот на Медитеранот“. Според него, оние кои зборуваат за уништување на заштитени подрачја лажат, бидејќи, како што рече тој, Сазан никогаш не бил заштитено подрачје, освен за војниците на Енвер Хоџа.