Познато е дека зголеменото ниво на HDL т.н. „добар холестерол“ штити од срцеви заболувања, но, исто така, тој може да го наруши здравјето на жените во друг поглед. Утврдено е дека покачениот HDL е поврзан со зголемениот ризик за развој на ракот на дојката.

Американските експерти го проучувале ефектот на HDL врз клетките на ракот и тоа на молекуларно ниво. Научниците ги изложиле малигните клетки на HDL и забележале дека при тоа се активирале сигналните патишта кои се вклучени во прогресијата на ракот. Истовремено, клетките на ракот почнале да мигрираат и да го имитираат процесот на создавање на метастази.

Истражувачите потоа ја ограничиле експресијата на HDL рецепторот наречен SR-BI во клетките на ракот , што резултирало со намалена активност на сигналните патишта, кои ја стимулираат прогресијата на туморот. Исто така, малигните клетки со помалку рецептори SR-BI покажале намалена стапка на пролиферација и способност за миграција од малигните клетки со нормален број на SR-BI. Што е најважно, намаленото ниво на HDL и ограничената експресија на SR-BI рецепторите се поврзани со намалување на создавање на туморски клетки.

Научниците сметаат дека ако се блокира активноста на HDL рецепторот кај ракот на дојката, можеби ќе се ограничи негативениот ефект на HDL (добриот холестерол) и истовремено да се задржи нивото на добриот хиолестерол, кое е корисно за здравјето на крвните садови.