Министерот за човекови и малцински права и социјален дијалог, Томислав Жигманов, денеска го честиташе Илинден, празникот на македонското национално малцинство во Србија, кој се празнува на 2 август, јави дописникот на МИА од Белград.

Во соопштението до јавноста се наведува дека Министерството со гордост укажува дека Владата на Србија и покраинската влада се посветени на афирмирање на вредноста на мултикултурализмот, кој се заснова на поддршка за зачувување и развој на националната независност на сите заедници.

-Затоа, тие ќе продолжат посветено да работат на обезбедување на сите неопходни предуслови, од имплементација на законите, преку материјални и финансиски средства до малцински сензитивни политики, за Македонците во Србија успешно да продолжат да ги развиваат своите национални институции и животни перспективи, порачаа од ова Министерство.

Во соопштението се потсетува дека „празникот Илинден, кој според Јулијанскиот календар се одбележува на старозаветниот пророк свети Илија, има посебно значење во историјата на македонскиот народ бидејќи во ист ден се празнуваат два големи настани- споменот на 2 август 1903 година, кога во Крушево е дигнато Илинденското востание против турската управа, а годинава се одбележуваат 120 години од Илинденското востание и сеќавањето на 2 август 1944 година, кога во манастирот Прохор Пчињски се одржа првото заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија (АСНОМ)“.