Во скијачкиот центар Попова Шапка денеска првпат сезонава беше вклучена во работа новата шестосед-жичница „Лајтнер“, а нејзиното користење на првиот ден беше бесплатно за посетителите.
Според најавите од ЕЛЕМ Турс кој стопанисува со скијачкиот центар, шестоседната жичница ќе работи редовно, како и останатите ски-лифтови и жичници од 9 до 15:30 часот. Цената за едно возење на шестоседната жичница од утре е 150 денари, а за сите билети во Ски-центарот се наплаќа повратна кауција во висина од 200 денари.
Станува збор за супермодерна жичница, единствена од ваков вид во земјава. Должината на трасата на жичницата е 1510 метри, со максимален капацитет за транспорт од 2400 скијачи на час. Шестоседната жичница е позиционирана на локацијата од Мал Јелак до врвот на ски-лифтот Ајдучка Рамнина (поранешно Ге). По трасата на новата жичница ќе се овозможат нови ски-патеки во должина од над три километри, велат од „ЕЛЕМ Турс“.
-Денеска имаме прилика да го означиме ставањето во функција на шестоседот за употреба од страна на посетителите. Повеќе од убедени сме дека токму преку вакви инвестиции ќе привлекуваме и други туристи не само од регионот, туку и од други држави. Ова ќе даде дополнителна можност на сите посетители на Попова Шапка. Токму преку вакви инвестиции можеме да ги развиеме важните туристички дестинации во нашата држава со цел на директен и индиректен начин да влијаат во локалниот економски развој не само во општина Тетово, туку главно за целиот Полошки регион, а и врз економијата на С. Македонија, изјави министерот за економија Крешник Бектеши по пуштањето во употреба на жичницата.
Тој посочи дека нема да се застане тука и додаде дека веќе се подготвени неколку проекти од страна на ЕЛЕМ Турс за кои Владата ќе се заложи да ги имплементира во функција на подобрување на условите на Попова Шапка и на давање можност граѓаните што повеќе да го посетуваат овој зимски центар.
-Претходните години инвестиравме во подобрување на инфраструктурата, сега ги ставаме во употреба инвестициите што дополнително даваат можност за подобрување на условите за тие што се заинтересирани за скијање и истовремено за граѓаните кои сакаат да направат панорамски прошетки, рече Бектеши.
Нагласи дека има уште многу работа за завршување од страна на Владата и од страна на ЕЛЕМ Турс во делот на реализација на проектите за подобрување на целосната инфраструктура и на услугата што ја дава овој туристички центар.
Директорот на ЕЛЕМ Турс Адем Авзиу посочи дека имаат добри идеи и планови како да го средат ски центарот да биде добар и да изгледа светски и додаде дека му е драго што имаат поддршка од страна на министерот и од Владата за идните инвестиции што веќе ги имаат испланирано.
-Нема да застанеме тука, ќе продолжиме со работа и поддршка од страна на министерот и од Владата да инвестираме што е можно повеќе проекти во овој ски центар. За оваа сезона планираме да инвестираме во делот на јавните тоалети во ски центарот и ќе се обидеме да ги одржиме во кондиција актуелните ски лифтови, но и да ги поправиме условите за да бидат во функција цела сезона. Таму каде што ќе имаме потреба да направиме нови инвестиции веќе имаме планови, имаме стратегија, имаме физибилити и во зависност од средствата што ги имаме на располагање ќе продолжиме со реализација на проектите, рече Авзиу.
Во одговор на прашање посочи дека за проблемот со паркирање на возилата во зимскиот центар пред два дена имал состанок со градоначалничката на Општина Тетово и со началникот на СВР Тетово.
-Се договоривме да ги одржуваме што е можно повеќе паркинзите што ни се на располагање, големиот паркинг долу, паркингот од х. „Попова Шапка“, како и да се чистат патиштата за да може да се паркира уште еден ред на возила. Ги повикувам луѓето да се паркираат и паркингот што е над х. „Славија“ кој е подготвен и чист. Повеќето од луѓето избегнуваат да се паркираат на тој паркинг горе, што има капацитет од минимум 300 коли возила, но со негово користење ќе се подобри ситуацијата. Исто така, се договоривме со градоначалничката и со началникот на СВР Тетово патот од влезот на ски центарот што води накај викенд-куќичките да биде еднонасочен за време на сезона да не се создаваат гужви и колони, потенцира Авзиу.