Во гостиварскиот регион изминатото деноноќие регистриран е нов случај заразен со коронавирусот. Жител на Добри Дол имал позитивен тест и тој е во добра здравствена состојба. Вкупната бројка на инфицирани од почетокот на коронакризата во гостиварскиот регион достигна 20.

Информацијата ја сподели шефот на меѓуопштинскиот кризен штаб (Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше) на петнасеттиот состанок, кој денеска се одржа во салата на советот на Општина Гостивар.

– Оценка на меѓуопштинскиот штаб е дека состојбата во трите општини е стабилна и во иднина состаноците ќе се одржуваат по потреба и во зависност од актелната состојба. Досега на подрачјето вкупно се регистрирани 20 случаи, а извршени се 250 тестирања. Во општина Гостивар речиси една недела нема активен случај. Во Врапчиште има еден, а во Маврово и Ростуше два, рече градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари.

Тој упати апел до граѓаните да бидат внимателни за време на празничните денови и задолжително да се придржуваат кон мерките за заштита.

Таравари нагаласи дека штабот од централните власти ќе побара повторно да го разгледаат барањето за намалување на полицискиот час и да трае од 23 до 5 часот и отварање на угостителските објекти, бидејќи како што потенцира, тоа ќе биде важно за опоравување на локалната економија.

Во гостиварската општина изминативе шест дена нема активен случај на заболен од Ковид-19, а бројката на тестирани достигнала 250. Во најмалубројната општина, Маврово и Ростуше има два активни случаи.

Со решение на здравствените власти, едно лице се наоѓа во самоизлоација, а 71 се во државниот карантин во хотелот Макпетрол во Маврово.