Резултатите од првите анализи на токсичните наслаги и концентрациите во воздухот по пожарот во фабриката Лубризол во Руан треба да бидат познати во текот на денот и тие треба да одговорат на загриженоста на населението и здруженијата на граѓани, јави дописникот на МИА.
Анализите ќе бидат изработени од Националниот институт за индустриска околина и ризици (Инерис). Тие од една страна се однесуваат на наслаги, метали и полицикличен ароматичен јаглеводород, соединенија со висока токсичност, а од друга страна на концентрации во воздухот на испарливи органски соединенија. – Во тек се анализи на други загадувачи (особено диоксини), но тоа ќе трае трае подолго, се вели од Инерис.
Овие први анализи доаѓаат откако многу жители на Руан, здруженија и политичари ја изразија својата нетрпеливост поради недостиг на информации за потенцијалната штетност на чадот што се протегаше на 22 километри за време на пожарот на локалитетот Севесо и густите мрсни саѓи што ја покрија околината.
– Ние го осудуваме недостигот на транспарентност од префектурата, рече Жералд Ле Коре, одговорен за здравство во департаманот Приморска Сена. Според него, се кријат информации, како и при пожарот во Нотр Дам.
Други го обвинија Министерството за внатрешни работи за минимизирање на сериозноста на инцидентот. За време на посетата на лице место на 26 септември, Кристоф Кастанер тврдеше дека првичните примероци на пожарникарите не откриваат „посебна опасност“, иако чадот „сам по себе претставува опасност”. Додека патуваше во Руан во петокот, министерот за здравство Агнес Бужин призна дека градот е „јасно загаден од саѓи“, но увери дека првите примероци од саѓи биле „прилично уверливи за видот на загадување што го доживеале локалните жители, кои се претежно иритирачки, но без долгорочни последици.
Сепак, многумина ја искажуваат својата недоверба на Интернет со изјавите на властите. Петиција во која се бара да се започне истрага за здравствените и еколошките последици од инцидентот веќе собра повеќе од 22.000 потписи. На друго место, на Фејсбук, група која им нуди поддршка и бесплатно сместување на жителите на Руан кои сакаат да го напуштат градот привлече повеќе од 2.500 луѓе.
Властите на 26 септември побараа од граѓаните на Руан и околните општини да не излегуваат непотребно, а сите училишта беа затворени и во петокот. Дадени се упатства за чистење на училиштата, кои повторно ќе се отворат во понеделник. Префектурата им препорачува на земјоделците да ги затворат своите животни и да не го берат производството. Сообраќајот на јавниот превоз беше прекинат во петокот во целата агломерација во Руан.
Болницата во Руан не пријави некој посебен прилив на пациенти. Пациентите се жалат на иритации на нос и грло, печење на очите, проблеми со дишењето, понекогаш главоболки, односно симптоми на загадување со воздухот. Луѓето се повеќе вознемирени отколку сериозно погодени, но притоа нема паника.