Апостол Поце Икономов… пејачот на култната македонска поп-рок група „Меморија“, нема кој не го познава. Ѕвезда на сцената со раскошен вокал, Поце и денес пее како во најдобрите денови, суверено владее и со сцената и со публиката која секогаш му возвраќа со невиден фидбек на искрени емоции, страст, енергија… Вистински „спиритус мувенс“ на бендот, кој со невидена леснотија го влече и носи сиот товар на себе спојувајќи ја музиката на групата со очекувањата на публиката, при тоа толку моќно и сугестивно, а сепак едноставно и непосредно, со насмевка и единствена харизма која ретко кој ја има во себе и истата умее да ја сподели од сцената со оние кои дошле на концерт…!

И навидум секој би помислил дека таа експлозија на енергија во симбиоза со божјата дарба за пеење и моќта за анимација на публиката произлегува од лесниот, безгрижен живот на рок ѕвездата, која ужива во убавините на животот, музиката како професија и славата и популарноста кои таа му ги овозможува.

За жал, како и во познатата приказна за „тажниот циркуски кловн“, зад насмеаното лице на Поце се крие тешката животна судбина на пејачот на „Меморија“ кој цели осум години минува низ пеколна животна голгота, пишува естрадниот порталот Вистина.

„Се’ започна пролетта во 2014 година кога бендот не свиреше, мируваше и беше во своевидна ‘музичка хибернација’, а јас притоа останав и без работа. Живеевме од платата на сопругата која тогаш за првпат се соочи со тешката и опака болест откако ќе и се слоши на работа… Дијагнозата – онаа најлошата… Тумор на мозокот кој е тешко операбилен“ – ја започнува својата приказна Поце кој е татко во тоа време на две малолетни ќерки кои се во возраст на „хормонална експанзија“. Покрај шокот од здравствената катастрофа, пејачот останува и во многу лоша финансиска ситуација, зашто треба да се подига семејството, школуваат децата, при тоа да се плаќаат сите трошоци за режија, да се живее и покрај тоа се’, уште и да се отплаќа рата за кредитот за станот. И сето тоа со намален приход кој прераснува во некаква минимална социјална пензија од сопругата која престанува да биде способна да оди на работа, зашто здравствена ситуација со текот на времето станува се полоша и полоша, а таа останува неподвижна, врзана за постела.

„Се обидував да најдам работа на разни начини, но… Сфатив дека кога си на сцената сите те воздигнуваат и возвишуваат, сакаат да бидат близу до тебе, во твое друштво и близина, а кога ќе се најдеш во ваква ситуација, едноставно… не те есапат“ – раскажува со грутка во грлото Поце присетувајќи се на тоа време и продолжува:

„Не само што пејам, јас сум огромен познавач на музика, колекционер на илјадници плочи, музиката ја познавам многу добро… Можам да работам на било која позиција од типот на музички уредник, соработник, во некој медиум, радио, ТВ, некоја фонотека, библиотека… Впрочем моето семејство Икономови е дел од музичката историја на оваа земја“ – раскажува Поце.

Во меѓувреме болеста на сопругата рапидно прогресира до таа мерка што ја врзува за постела, а со тоа и него покрај неа, како некој кој мора физички да биде 24/7 тука и да се грижи постојано за жената. Примањата се никакви, животот нему и на семејството му се сведува на едвај голо преживување, а ратите од кредитот се трупаат, па пејачот е приморан да го продаде станот, за да го врати долгот на банките, а она малку што ќе му остане да го заложи за нов кредит и стан. При тоа помош од никого, освен од родителите – пензионери кои опсежно помагаат семејството некако да преживее. Поце го познаваат многумина, многу од нив знаат и каква му е ситуацијата, но како што самиот вели, никому сам да му текне да праша дали може некако да му помогне?


„Конекциите со лекарите воглавном ми помогна да ги обезбедам чичко ми, познатиот музичар Коце Икономов, кој по професија е и лекар. Од 2014 до 2017, до големиот повратнички концерт во „Метрополис арена“ контактите со членовите на бендот додека не свиревме беа некако развлечени… Не дека не знаеа во каква ситуација се наоѓам, ама сепак… Колку можеле биле тука, но тоа беше далеку од доволно. Живеевме од примањата на болната сопруга и по некој денар од пензиите на моите“ – се присетува Поце и додава: „Тој концерт не беше само враќање на групата и финансиска инјекција за мене, туку и психолошка поткрепа која ме врати во живот. Момент да се почувствуваш дека си повторно жив, некому пак важен, одново потребен. Штета што не се случија уште 10 свирки, а требаше, за повторно да почувствувам дека одново имам тло под нозете“.

И покрај „сериозниот лизгачки старт“, како што самиот вели, што ќе му го приреди животот, пејачот никогаш не потклекнл со духот, не ја загубил вербата и надежта, никогаш не потпаднал под дејство на некакви пороци како бегство од стварноста.

„Освен хроничната инсомнија, несоницата заради која спијам едвај само по неколку часа во ноќта, па затоа постојано чувствувам хроничен замор, не забегав во некакви лоши навики. Во меѓувреме животот стануваше се поскап, болеста на сопругата се посериозна, а јас иако познавам разни профили на луѓе, па дури и политичари или моќни сопственици на сериозни фирми, никој не праша како ми е, имам ли од што да живеам… Зарем треба јас некому да му споменам да помогне, како било да ме вработи за да однесам некој денар дома зашто имам тешко болна сопруга, кога веќе знаат каква ми е ситуацијата?“ – разочаран е Поце.

„Јас кај 90 % од екстремно блиските луѓе покрај мене, било да се тоа, роднини, пријатели, соседи, колеги… во сите овие години, особено откако со „Меморија“ се вративме на сцена го чувствувам синдромот на Салиери… Така јас тоа го викам. Ем сакаат да бидат блиски до мене, ем би сакале да ме нема… Ем те обожуваат, ем сакаат да те уништат. Убаво им е кога сум Поце – ѕвездата да се дружиме, а никаде ги нема кога треба на оној обичниот Поце, роднината, другарот, колегата, соседот, пријателот… да му помогнат кога најмногу му треба“.

Идејата за хуманитерен концерт на „Меморија“ од кои приходот би одел за него и неговото семејство Поце вели дека сега е задоцнета и беспредметна идеја. „Сега вели, на жена ми не и треба толку скапа операција, доцна е. Иако овие години имав некаква финансиска поддршка и поткрепа од бендот… Од кого повеќе, од кого помалку“.

Токму затоа можеби на Поце Икономов сега најмногу му треба нешто друго, нешто што е стабилен и постојана финансиски приход. Постојана работа која ќе биде поткрепа за семејството и неговиот опстанок, како и борбата со тешката болест на сопругата. Поце вели дека никогаш приватно не се поставил како ѕвезда кон некого и нема тоа ни да се случи, но и не е подготвен да биде понижувачки третиран: „Доделете му нешто на сиромавиот. Не е тоа моето ниво на комуникација“ – категоричен е Икономов.

Поце сепак не губи надеж дека се’ уште има добри и разбрани луѓе кои умеат да излезат во пресрет и да помогнат. Можеби пред сите на него треба да се сети и државата и нејзините институции, како Министерството за култура на пример, кои веќе имаат изградени механизми да ги дотираат или трајно финансираат заслужните музички и естрадни уметници во Македонија.

„Јас би се изненадил да добијам таков статус… Не сум срамежлив човек, знам да стапнам на било кој тепих. Ако има простор за тоа, би го процесуирал таквото барање. Како што би прифатил било која достојна работа која не е омаловажувачка и понижувачка“ – ја завршува својата приказна пејачот на „Меморија“, Апостол Поце Икономов – ѕвезда на сцената со глас како ангел од рајот, а во душата горчина, пекол и очај до бескрајот!