Братислав ДИМИТРОВ

Тоа беа времиња кога полесно беше да отепаш бафало во Канада, отколку да фатиш женска во Скопје. Заради правилото „ништо пред брак“, многумина се оженија млади и зелени, затоа што им здосади да чекаат ред кај некоја маалска радодајка. Останатите летуваа на „наше море“ заради Швеѓанки. Со надеж дека страсната средба со нив, после ќе им ја олесни скришната активност под јорганче. Заради која старите нѐ плашеа дека ќе нѝ се исуши кичмата. Исто како што не плашеа дека ако пиеме кафе, ќе нѝ никне опашка!

Дента кога умре Џон Ленон, Цанко Курбла се испијани и повеќе не се отрезни. Лекарите на токсикологија едвај успеале да извадат малку крв од неговиот алкохол. Кога конечно отворил очи замаглени во правец на најдалечената точка во себе, персоналот го предупредил: „Друже Цанко, дали знаете дека годишно алкохолот убива илјада Македонци?” Цанко не трпи никакви закани и затоа им одговорил: „Што ми е гајле, јас сум се изјаснил како Бугарин!” Никој тогаш ни во сон не можел да претпостави дека еден ден нема да има вицеви!

Веста за убиството на Џон Ленон го затекна во елитниот ресторан „Гурманче“, до нафтената печка и портретот на другарот маршал Тито. Шмркаше чај со рум и решаваше награден крстозбор. Чајот се олади а крстозборот никогаш не се реши. Видно трогнат од настанот, ја даде својата втора историска изјава: „Море, светов отиде у мајчину. Ако така лесно го убиле Џон, тогаш јас одамна сум мртов”. Многу векови подоцна сфативме. После класичниот, ние живееме во маскиран матријархат. Феминизмот беше измислен за да не се открие оваа вистина. Да оставиш тројца другари (плус Битлси!) заради некоја си Јоко Оно, нема простување. Пресуден беше коментарот на Жика од Куманово: „Кд ќе гу виду онуј Јоко, не ми се зима ора од њума“.

Еден ден Цанко Курбла реши да подвлече животна црта. А што друго да прави човек во дождливо неделно попладне со триесет години, бајата „нишка морава” без филтер и без женска? Да решава дропки? Да се зачлени во друштво на писатели? Есенските дождови баботат во околните олуци а првото парче асфалт е на два километри од неговиот кауч. Постојаното бутање весници и најлони во кондурите за да се оспособат за шетање, го сметаше за „оддалечување од суштината”. Која суштина? Никој не знае.

Тогаш ја подвлече животната црта. Реши да се жени.
Дотеран по сите основи, „тарзан” фризура, штофани панталони со испеглани ивици на кои и мува може да се исече, во едниот џеб огледалце и чешле, во другиот штофано марамче, тегет шушкавец и браон топлинки удобно сместени во каљачи, зацепил накај Драчево. Конечно стигнал кај Трпе и Перса да ја побара нивната ќерка Пацка за своја венчана жена. Не било лесно. Се нашол очи в очи со народната традиција. Таткото во име на сите а најмногу во свое, му рекол: „Друже Цанко, не може така. Да се оди по ред. Прво мора да ја омажиме постарата ќерка. Цанко ја подзагледал постарата ќерка и кога го убедиле дека знае да прави турли-тава, да сошие копче и да му роди син што ќе се вика Александар а не Трпе, свечено изјавил: „Е добро де, да ја омажиме!” Така се ожени за постарата ќерка Ристана, а свадбата беше една од највеселите во Тафталиџе, покрај другото и заради оваа анегдота.

Во тоа време имаше еден народен обичај кој ја држеше брачната заедница цврсто и на едно место. Тој ритуал ги издржа сите вековни проверки од психолошки, социјален и секој друг аспект. За успешно изведување на ритуалот „киснење нозе” потребни се: уморен сопруг, класична сопруга, леген со топла вода и чиста крпа. Македонските жени се најумудри на планетава земја. Поумни од сите домашни и белосветски феминистки заедно. Македонските жени со векови знаат дека нивната петминутна „покорна“ активност им дава на мажите чувство на важност, но на терен се знае кој е главен.

Сопругот доаѓа дома капнат од умор и со завиткани ногавици го почнува „перформансот” со рутинската реченица: „Жено! Легенот!” Домаќинката со чекор од „Лебедово езеро” и наведната глава, веднаш го донесува легенот со топла вода. Стопанот ги шлапка „копитата“ во легенот и ужива во ритуалот. Егото му бабри како тесто за мекици. Либидото му расте како на тибетско говедо. А до каде стига чаламот? Немаме време за такви епски описи.

За разлика од агресивните англосаксонски и сите останати жени, македонската жена со малку арчови, интелигентно и елегантно ја одржува интимата и мирот во брачната заедница. Затоа заслужено ја носи титулата дека е столб на семејството. Со репликата „Жено, крпата!”, завршува оваа класична етида со среќен крај. Така требаше да биде и овој пат. Цанко весело се обраќа: „Жено, легенот!” Пауза. Тишина. Цанко со нагласен баритон (заради поголем ефект) ја повторува својата вековна реплика. Ни леген ни бутур! Едни црни мисли како гаврани почнаа да го клукаат неговото стуткано чело. Или партнерката го заборавила „мизансценот” или е нешто друго, уште полошо. За секоја евентуалност, најгласно што може се издрал: „Кај се изгуби мори Ристано!?”

Доаѓа Ристана ладна ко шприцер и со поглед од Монт Еверест му се обраќа: „Тука сум. Ги чупав веѓите. Зошто ме бараш?“ Цанко откако ја загледа во веѓите, строго и свика: „Донеси го еднаш тој леген да му се сневиди!“

Ристана планираше сѐ да направи во животот, освен да го донесе проклетиот леген! Така и званично го направи првиот чекор кон феминизмот и Европската Унија. Пауза. И уште многу тишини. Цанко се обидува да ја „сконта”, но тоа беше залуден напор и за најупорните. Едноставно беше невозможно да се открие, какви мисли се ројат под трајната ондулација на неговата брачна другарка. Што се случи после? После Цанко излезе да купи цигари и не се врати дваесет и кусур години. Кога веќе мора да биде жртва на феминизмот, тогаш подобро е да гине во Стокхолм, отколку во Тафталиџе. Таму барем насекаде има асфалт. Плус, нема феминизам од седма (драчевска) рака.
Еден ден Ристана навистина се изгуби. Од животот, чиј сопственик беше Цанко.

Што да се каже на крајот? Легенот, топлата вода и крпата треба да се сфатат и како метафора. Има безброј начини и форми да се изрази, љубов, симпатија и другарство. Особено брачно.

МИА