Братислав ДИМИТРОВ за МИА
„Да се умре, тоа значи да се премине
на страната на посилниот“
Ј. Ростанд
Беше есен како оваа, само пред многу години. Беше и социјализам, со најава за скоро пристигнување на комунизмот. Пирошките, демократијата и интернетот сè уште не беа измислени. „Мирцавме“ во споменари, на корзо, а најчесто под јорганче. Тоа со „сушење на кичмата“ го измислија мајките затоа што машините за перење тогаш беа научна фантастика. А ние бевме реални тинејџери заљубени во Брижит Бардо и нејзините другарки. Да не ги набројувам сите, ќе ме искара сопругата. Многу е строга, ми брани да имам девојка.
За разлика од денес, минатото барем беше автентично. Народниот обичај „дај еден гриз“ ги полнеше маалските улици и сокаци. Се сладевме со кришка леб натопена со вода за да не паѓа шеќерот. Тие што беа на појачана исхрана гурмански мљацкаа специјалитет со свинска маст и црвен пипер. „Авангардата на работничката класа“, кога беше на диета, јадеше само јагнешко со шприцери. Повеќе беа по духовната храна и затоа држеа долги говори. Сепак, не го надминаа Гинисовиот рекорд на Фидел Кастро, со говор од 7 часа и 10 минути во Куба 1986 година, пред нашите колешки и колеги комунисти. Поточно, „другарице и другови“.
Никој не успеал да го објасни тој феномен, во социјализмот требаше малку за голема среќа. Женска, два билети за кино и фишек со семки или сончоглед, кесичка со карамели или негро-бонбони. Ице ги исполнуваше сите услови. Особено цврсто стегната рака во мрачната сала. Раката беше на Алтана, прва и последна негова љубов, освен Маринела. Тогаш филмовите најчесто беа американски и љубовни. А не како денешниве снимени според „правична застапеност“, со casting земен од рецептот за турли-тава. Денес, за љубовни филмови се сметаат тие во кои мажот не ја тепа жената.
Ако не успеат да дојдат до билети во последниот ред заради слободно „фачкање“, дечкото и девојката одеа во паркот познат како „трет дел“, исклучиво за таа намена. За озбилно одење со женска се сметаше период од три години. Ако ни после тоа не ти даде, се знае што, раскинуваш со женската или одиш пред матичар. Погодивте. Свадбата беше со зурли и тапани, гајди и кавали. Поради патриотски и оправдани причини. Имено, тогаш Дац и Александар биле зафатени со полагање тест по ЗПО. И оттука приказната ќе си продолжеше според својот домаќински драматуршки редослед, да не посакаше Алтана да изигрува Грејс Кели во „фиќото“ на Ице. Купено со два кредити од Стопанска и Југобанка плус четири жиранти.
Алтана почна да оди со инструктор на часови по „вожња“. Еден убав сончев ден не се врати од „вожња“. За народната милиција случајот беше затворен по утврдување на фактичката состојба. Од неа недвосмислено се виде дека и инструкторот не се вратил дома! По многу години, љубовџиите пратија писмо од Америка со фотографија на која се оптегнале во „кадилак“ и се клештат директно во нас! Маалските експерти пресметаа дека „кадилак“ не се исплати затоа што еден негов фар чини колку цело „фиќо“ и пола „москвич“. Жените сметаа дека овој настан практично е почеток на борбата за женски права, еманципација, феминизам и… поудобна „вожња“. За мажите ова беше класичен ороспилак по кој може да се очекува растурање на традиционалното семејство, а подоцна и државата.
Како и да е, ударот на судбината Ице го издржа достоинствено, како прослава на државен празник. И народниот обичај „кого нема – без него се може“, му се најде колку да одбегнува бандери и ортома за да не го стават во црна хроника. Се тешеше со другарот маршал Тито кому не му беше лесно. Во тоа време јавна тајна беше која се шепотеше во четири очи поради паролата „ОЗНА све дозна“. На едно од многуте патување околу светот, Јованка Броз („девојачко“ Будисављевиќ) застанала на палубата на бродот „Галеб“ и упатувала долги визионерски погледи кон „несврстаните“ држави кон кои се движел споменатиот брод. Како за малер, тука се нашол и нашиот Лазо со презиме Колишевски. И тој упатил поглед. Погрешен. Му се пуштило рачето на завалијата и тој за миг го пофатил релјефното место на другарката Јованка! На првото копно што се појавило маршалот го „искрцал“ Лазота и продолжил да кормилари со бродот и државата СФРЈугославија.
Значи, ако другарот Тито имал љубовни проблеми, што останува за обичните смртници? Ништо. Утехата е како ставање ракија на болен заб, кој боли цела ноќ. Сабајле мора да се оди на забар, конкретен или метафоричен, мора да се оди. Еден ден, кога ноќта се залепи како катран на неговото срце, се повлече во себе. А тоа беше многу далеку и за најголемите мистици, планери на петолетки и астронаутот Лајка. Деновите му личеа на пуцвал што останал по ремонт на селски трактор. А кога ноќта падна како грутка ќумур во неговиот двор, Ице престана да спие. Порано ноќта пополека и нежно ги плетеше црните плетенки над Скопје. Сè додека и последното сончево сребро и злато не се стркалаат како лубенче зад околните сртови, а дедо Господ не почне да ги пали небесните лампиони.
По многу години, месеци и секунди, се случи чудо. Ице влезе во своите пижами како во свет храм со поглед на човек што ја открил најголемата тајна на светот. И почна да потонува во сон како во Бермудскиот Триаголник. Ги преспа есента, зимата, пролетта и едно парче од летото. Тоа утро се разбуди многу порано од обично и малку повеќе од необично. Им се извини на саксиите на терасата затоа што не ги поливал со вода долго време, доволно за да испоцрка стадо тибетски говеда, а камоли неколку осамени темјанушки. Со лесен и брз чекор излезе од дома.
Не го видовме и не слушнавме ништо за него цели четириесет и кусур години.
Еден ден го видовме најголемиот и најблескави „кадилак“, паркиран во неговото дворче. До него, на едно столче покрај некогашните леи со марулки, магдонос, нане, шимшир, џунџуле и шебој, седеше Ице натоварен со своите калифорниски години. И додека ние наредени на тарабите ококорено гледавме во џиновскиот автомобил, тој во побожна тишина гледаше во небесното индиго. Од некаде тивко, како глуварки, долетаа звуците на Nights in white satin („Ноќите во бел сатен“).
Тогаш почувствува голема слабост. На едно класично и секогаш болно место, познато во народот како „лажичка“. Нашиот Илија (Илчо, Иле Ице…) сфати дека смртта е единствениот настан на кој никој никогаш не задоцнил. Време беше да се помине на „посилната страна“. Само тешко воздивна и ја испушти својата душа, која ги разбранува овоштарниците во Тафталиџе. Во вакви моменти секогаш некој ќе рече: „Само да се оди по ред“. А нашиот маалски филозоф Мане Кант додаде: „Честопати е преку ред“. Тогаш ние панично се разбегавме на разни страни „со петиците в газ“ затоа што госпоѓата смрт знае и да погреши.
Никој не сака да умре. Особено еден ден пред школскиот распуст.




