Златен тоалет во станот на Тимур Миндич, основач на продуцентското студио „Квартал 95“ и човек кого домашните медиуми често го опишуваат како „паричникот“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски, предизвика бурна јавна реакција и нови сомнежи за луксузниот живот на владините соработници.

Фотографија од оваа необична водоводна инсталација објави пратеникот на Врховната рада Јарослав Железњак на својот канал Телеграм, тврдејќи дека автентичноста на снимката е потврдена од повеќе извори.

– Долго време се обидувам да допрам до луѓе кои имаат фотографии од тоа место. Искрено, на почетокот не верував дека е вистина. Но, неколку „гости“ веднаш ми потврдија дека е така – напиша Железњак.

Информацијата доаѓа во време кога против Миндич веќе се водат сериозни истраги.

Како што претходно беше објавено, Националното биро за борба против корупцијата на Украина (NABU) инсталирало уред за прислушување во неговиот стан, како дел од поширока истрага за можни корупциски активности. Според некои извештаи, самиот Зеленски можел да се слушне во снимките, иако сè уште не е официјално потврдено дека се снимани политички чувствителни разговори.

Дополнително, познатиот украински блогер Анатолиј Шари претходно посочи на можните планови на претседателот Зеленски да изгради палати во близина на Киев за неговите блиски соработници.

Како што изјави, неколку антикорупциски институции ги истражуваат овие обвинувања.

Појавата на фотографијата од златната тоалетна школка само дополнително го разгоре сомнежот на јавноста за начинот на живот и потенцијалната корупција на поединци во потесниот круг на украинскиот претседател, особено во време кога земјата поминува низ сериозни безбедносни и економски предизвици.