Кога те тужи неонацистичка криминална организација, значи дека ја правиш вистинската работа, одговара градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис на тужбата од Златна зора поднесена поради одлуката на општинскиот совет да не отстапи плоштади и места од градот за штабови на партијата во пресрет на изборите, јави дописничката на МИА од Атина.
– Кога те тужи криминална неонацистичка организација што ќе одговара пред историјата во исчекување на пресудата на грчката правда, значи дека ја правиш вистинската работа. Доследно и одлучно. континуирано против Златна зора, напиша Каминис на неговиот официјален Фејсбук профил.
Реакцијата на атинскиот градоначалник доаѓа по тужбата од Златна зора, односно од пратеникот и кандидат на партијата за градоначалник на Атина, Илиас Касидиарис, откако советот на општина Атина на последната седница, издаде резолуција.
– Атина е и ќе остане антифашистички град. Сѐ додека трае судењето на Златна зора, не нудиме услуги, во однос на плоштади и места за изборни штабови. Тие се непожелни, соопштија од општина Атина во однос на одлуката на советот.
Оттаму додаваат дека ќе учествуваат во активностите на 18 април во Атина, посветени на четири годишнината од почетокот на судењето на Златна зора.
Пратеникот и кандидат за градоначалник од Златна зора во тужбата пишува дека издадената резолуција од општинскиот совет е апсолутно нелегална и ги прекршува законите и одлуката на министерот за внатрешни работи за користење на јавниот простор за време на предизборниот период. Паралелно, бара да им се отстапат плоштади и места за предизборни штабови.