Tалентираниот осмоодделенец Дамјан Давков од Штип освои злато на Јуниорската балканска математичка олимпијада –ЈБМО, чиј домаќин беше Молдавија.

Во македонскиот тим членувале и Миша Веселински и Михаела Смилевска, под лидерство на професорите Делчо Лешковски и Борче Јошевски (заменик-лидер). Набљудувач на нашиот тим бил проф. Д-р Ѓорѓи Марковски.

Екипата се натпреварувала виртуелно во просториите на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, а учеството го организирал Сојузот на Математичари на Македонија.

Веста за освоеното злато на Давков, ја сподели на социјалните мрежи неговата мајка Никица Давкова, а ја пренесе порталот Курир.

Младиот математичар се најде во центарот на јавноста на почетокот на годинава, кога освои прво место на државен натпревар по математика, а од МОН не му ја доделија паричната награда, бидејќи и покрај освоеното прво место не му следувала, затоа што бил ученик во основно, а истата им следувала на ученици во средно образование.

Решението дека е одбиен за доделување на парична награда, која изнесуваше околу 10.000 денари, бидејќи не ги исполнувал условите, односно бил помлад од останатите учесници, беше потпишано од министерката за образование Мила Царовска.