Белгиското јавно обвинителство започна истрага против поранешниот европски комесар за правда и министер во неколку влади на Белгија, Дидие Рејндерс под сомнеж дека бил вклучен во перење пари преку игри на среќа.

Како што објави бриселскиот дневен весник „Соар“, во рамки на истрагата за овие сомнежи во текот на вчерашниот ден белгиската полицијата извршила претрес во домот на Рејндерс во Брисел и во куќа во негова сопственост во местото Висул, што се наоѓа помеѓу градовите Лиеж и Намур. Рејндерс бил и сослушан од полицијата во врска со случајот, но не бил лишен од слобода.

Станува збор за сомнителни активности започнати уште во времето кога Рејдерс беше белгиски министер и кои траеле „барем до минатата година“.

Рејндерс во 1999 година беше избран за белгиски министер за финансии, функција на која остана до 2011-та, кога ја презеде должноста шеф на дипломатијата што ја вршеше се до неговиот избор за еврокомесар во 2019 година. Дополнително од 2018 до 2019, тој беше и министер за одбрана на Белгија. Во периодот од 2007 до 2011 година Рејнерс бил задолжен и за белгиската Национална лотарија, но според „Соар“, делата за кои се сомничи биле извршени по овој период. Весникот посочува дека бриселското Јавно обвинителство ја отворило истрагата за овој случај уште минатата година, но досега тоа било држено во тајност.

Истрагата започнала откако биле утврдени „сомнителни трансакции на релативно големи сума“ на сметката на Рејндерс во „текот на долг период“.

Според наводите, Рејндерс, најчесто во готово, купувал т.н. „е-билети“ за игри на среќа, чија вредност е помеѓу 1 и 100 евра и може да се набават на многу продажни места ширум Белгија, и потоа средствата од тие ваучери што легнувале на неговата сметка намената за игри на среќа, биле префрлани на неговата лична трансакциска сметка. На овој начин, според истрагата, биле „испрани“ пари со сомнително потекло.

Експертот за даночен систем и универзитетски професор Мишел Мо изјави дека ова е вообичаена техника која често се користи за перење пари.

За утринската програма на Радио 1, Мо оцени дека постои пракса добивките од игри на среќа да се користат за „легитимизирање на црните пари“

– Првото поглавје од курсот по „перење пари за почетници“ пропишува дека секој кој сака да ги испере црните пари мора да им обезбеди легитимно потекло, изјави Мо, нагласувајќи дека банките подлежат на правила за перење пари и мора да го проверат потеклото на парите што се појавуваат на сметката на граѓаните, но дека тоа не важи и за лотариите.

Според Мо, оваа техника опфаќа делење на големи суми пари на помали износи, со цел префрлањето на средствата да не паѓа во очи, но ако се изврши проверка на трансакциите во подолг временски период може да се утврди дали постои нешто сомнително во целата постапка.

Рејндерс се уште има имунитет и не може да биде лишен од слобода или судски гонет, но тоа не го спречува Обвинителството да покренува истраги против него и да врши претреси на неговите имоти. Доколку реши да започне правна постапка против Рејнедерс, Обвинителството сепак ќе мора да побара од белгискиот Парламент да му го укине имунитетот.

„Соар“ посочува дека тоа што истрагата е обзнанета јавно само три дена по истекот на мандатот на Рејндерс како еврокомесар не е случајна, бидејќи доколку Обвинителството сакало да изврши претрес на неговиот дом додека тој се уште беше на функцијата, за тоа ќе морало однапред да ја извести Европската комисија.

Рејндерс засега не ги коментираше информациите за истрагата против него.

Фото: МИА Архива