Знамето на НАТО денеска ќе биде поставено и кренато пред зградата на македонската влада.
Како што е најавено, на свечената церемонија која ќе почне во 11 часот ќе зборува премиерот Зоран Заев.
Од зградата на Владата вчера веќе беше отстранет написот „Влада на Република Македонија“ откако грчкиот Парламент го ратификуваше Пристапниот протокол за членство на Македонија во НАТО.
Се испраќањето на Вербалната нота од Атина со која ќе го информира Скопје дека се ратификувани Договорот од Преспа и Протоколот за членство во НАТО и дека се исполнети сите правни услови за влегување во сила на конечната спогодба и уставните амандмани, се очекува да почне примената на новото име „Република Северна Македонија“. Потоа во Службен весник ќе биде објавен датумот на влегување во сила на уставните амандмани и уставниот закон.
Двете држави ќе треба да испратат и заедничко писмо до генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш со кое ќе го информираат за датумот на влегување во сила на конечната спогодба, со што ќе се стави крај на повеќедеценискиот билатерален спор. За промената на името ќе бидат информирани и Секретаријатот на ООН, земјите членки, земјите набљудувачи на ООН, како и сите останати меѓународни организации.
Од македонска страна веќе е формирана и Интерресорска група која ќе треба да изработи Национален акциски план за спроведување на натамошните мерки и активности, а во рок до седум дена државните институции, граничните премини и диоломатско-конзуларните претставништва ќе треба да ги сменат таблите со новото име на државата.
Препораки за промена на таблите ќе добијат и единиците на локалната самоуправа, а секторите и службите за односи со јавност на државните и јавните институции ќе добијат насоки за употреба на уставното име.
Употребата на новото име на државата ќе биде усогласено и со Законот за употреба на јазиците.