Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) бара од Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Скопје да ја отфрли кривичната пријава од Агенцијата за разузнавање за новинарот Горан Момировски и Драган Милосављевиќ.
Пред извесно време, како што посочуваат од ЗНМ, Момировски и Милосављевиќ беа поканети за давање исказ во ОЈО, а повод за ова е емисијата која се емитува на ТВ Алфа со наслов „Заспиј ако можеш“ од 11 јануари 2021 година.
– Укажуваме дека кривичен прогон кон новинари за дела за кои се предвидуваат повеќе години затвор, посебно од страна на безбедносни структури може дополнително да ја загрозат и така кревката слобода на изразување во нашата земја. Вакви постапки може да се толкуваат како притисок кон јавна критика посебно земајќи во предвид дека оваа емисија е објавена во јануари 2021 година, а засегнатите се повикани на давање на исказ во ОЈО кон крајот на ноември или речиси девет месеци подоцна, наведуваат од ЗНМ.
Додаваат дека новинарите имаат и право и обврска да се занимаваат и со теми кои се поврзани со националната безбедност, почитувајќи ги во целост етичките и професионалните стандарди во работењето и следејќи го јавниот интерес.
– Доколку Агенцијата за разузнавање или која било друга институција има незадоволство од начинот на кој новинарите или медиумите известуваат за нивната работа ги охрабруваме да ги користат само/регулативните механизми. Поднесување на претставки до Советот за етика или Советот за чест е најдобар начин да се утврди дали известувањето е во согласност со Етичките принципи и стандарди на новинарската професија. Кривичните тужби кон новинари беа честа пракса во минатото и поради нив Македонија драстично падна на сите кредибилни индекси за слободата на изразување и беше перципирана како држава во која слободата на изразување и правото на информирање е ограничено, велат од ЗНМ.