Македонскиот нордиски скијач Ставре Јада го освои последното, 56. место на денешниот маратон на Олимпијадата во Пекинг.

Јада патеката која од 50 беше скратена на 28 километри, ја мина со време 1:25:41.8 час, односно 14 минути заостанување зад победникот Александар Бољшунов од Русија.

 

Рускиот скијач до златото дојде со време 1:11:32.7 час. Тој освои медали на сите олимписки трки на кои учествуваше. Има четири медали на Олимписките игри во Пјонгчанг: бронза во спринт и сребро во штафетата, екипен спринт и маратон. На Игрите во Пекинг, Бољшунов има злато во скиатлон, штафета, маратон, сребро во класично трчање и бронза во екипен спринт.

Второто место го зазеде уште еден Русин, Иван Јакимушкин, кој заостана 5,5 секунди зад сонародникот, додека трет беше Норвежанецот Симен Кругер со заостанување од седум секунди.

Русија со шест златни медали се искачи на 8. место во поредокот на земјите медалисти на ЗОИ 2022.