20 април 2019
Постојано среќаваме „успешни мажи“ кои се харизматични, но работата не ја работат добро.
– Кога станува збор за лидери, не водиме доволно сметка за нивната стручност – како во политиката така и во бизнисот, вели доктор Томас Чаморо Премузиц, психолог и автор на книгата „Зошто многу нестручни мажи стануваат лидери“.
А во книгата пишува дека можеби тоа е една од причините поради кои на жените им е тешко да дојдат до лидерски позиции: како општество, нестручноста на мажите ја прифаќаме до таа точка што почнуваме да ги наградуваме.
Зошто нестручноста победува
Кога избираме лидери во политиката или бизнисот, се соочуваме со одредена одговорност – но од необјаснива причина ги избираме овие луѓе, а притоа „не проверуваме дали тие избори воопшто се добри за нас, нашата организација или држава“, вели Томас.
Донесуваме одлуки, но „немаме доволно податоци за тоа дали овие лидери добро ја работат работата или не. Повеќе внимание обрнуваме на нивниот изглед и стил, а помалку на способноста во лидерството“.
– Многу повеќе се концентрираме на самодоверба наместо на вештини, вели Томас – пречесто донесуваме одлуки врз основа на куса интеракција, како што е разговор за работа или телевизиска дебата (кога станува збор за политичарите).
Второ, „премногу се потпираме на харизма, а премалку на одмереност“.
Според Томас, приватно почитуваме одмереност, но на крајот избираме лидери кои се забавни и шармантни – но „како знаеме дека станува збор за добри поединци кои ќе работат за тоа?“
И трето, што можеби најмногу загрижува, Томас вели дека дури обожаваме лидери со нарцисоидни црти во личноста.
– Кога некој е толку концентриран на себе и постигнување на сопствените цели – или малку ексцентричен и суетен – наместо да го исклучиме, ние велиме „а, овој е како роден за лидер“.
Врз основа на податоци собрани при различни истражувања во последните децении низ светот, овие три главни карактеристики се поприсутни кај мажите отколку кај жените и „тоа објаснува од каде е поголемиот број лоши лидери, особено мажи“, вели Томас.
Причини поради кои постојано ги повторуваме грешките и избираме погрешни луѓе
Можеби баш не сакаме „најдобра личност“ за оваа работа, вели Томас.
– Сакаме во теорија, но се разбира – каде е доказот за тоа?
Она што Томас може да го заклучи, кога ја гледа статистиката, е дека „често луѓето од одделите за човечки ресурси имаат краткорочни цели, исто како и останатите во компанијата“.
Луѓето велат „поради ова јас ќе поминам добро“ или „овој човек може брзо да реши проблем“.
„Во секоја организација или фирма, лидерите треба да се избираат според тоа колку влијание можат да имаат врз тоа и подредените – а сепак, нивниот успех се мери по тоа како сами се снаоѓаат“.
Како да се прекине тој циклус?
Постојат три клучни чекори кои секоја компанија – или демократија – треба да ги испочитува, доколку сака се ослободи од неспособни лидери, вели Томас.
- Без разлика дали вработувате или гласате – внимателно воочете ги сите знаци и барајте особини кои прават добар лидер. Треба да обрнете внимание на:
Стручност
Комуникација со луѓе
Рационалност
Свесност
Интегритет
Љубопитност и желба за учење
- Мораме да научиме да се сомневаме во своите инстинкти. Заборавете да ги следите интуицијата и чувството во желудникот, и побарајте јасни знаци.
Секогаш кога можете, побарајте факти како предвидување резултати, докази за перформанси, кои се засноваат врз вистинска стручност во водење тим, а не на нечија способност да води политика во канцеларија.
– Организациите се преполни со податоци, вели Томас, но „повеќето не ги користат на вистински начин, туку избираат кандидати врз основа на тоа колку се допадливи“.
- Фатете се за родовата разноликост и сте решиле голем проблем – но Томас е критичен и кон позитивната дискриминација како таква:
– Повеќето вакви интервенции не завршуваат успешно, затоа што луѓето се фокусирани на полот, а не на талентот.
Доколку сакате да најдете решение, пристапете кон тоа така што нема да „спуштате критериуми за жени кои се способни со цел тие да станат лидерки. Наместо тоа, кренете ги критериумите за нестручните мажи“, вели Томас.
Дали решението е во жените?
– Решението не е во жените, туку решението е да станеме посериозни при проценувањето таленти и потенцијали, вели Томас.
Ако организацијата како цели постави талент и потенцијал, „нема да добие само повеќе женски лидери, туку повеќе женски од машки лидери“.
Според собраните податоци, Томас вели дека „жените имаат за нијанса поизразени карактеристики како свесност, комуникација со луѓе, рационалност, како и вештини што одразуваат стручност. Во повеќето развиени земји, жените имаат подобри резултати на факултетите“.
Би-би-си – Лондон/МИА