На вчерашното прашање на новинарите зошто од влезот на основното училиште „Кизман Јосифовски Питу“, во Кисела Вода, е тргната таблата на која пишуваше – Република Македонија, втор ден одговор нема. Молчи и раководството во училиштето и општината, пишува „Скопско ехо“

Вчера, како што објавија и самите родители на интернет, но и дел од медиумите, кога ги носеле своите деца на училиште забележале дека таблите повеќе ги нема, односно последен пат ги виделе во четвртокот. Истите родители обвинуваат дека одлуката ова да се направи, била донесена без консултирање на советот на родители во училиштето.

– Што е целта, да се додворат на власта дека ете први го бришат името на државата? Невидено е ова, коментираат родителите, пренесува „Скопско ехо“.

Според преспанскиот договор, државните институции, граничните премини и дипломатско-конзуларните претставништва ќе имаат рок од седум дена по ратификацијата во Грција на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО да почнат со замена на таблите. Употребата на новото име на државата ќе биде усогласено и со Законот за употреба на јазиците што значи дека таблите ќе бидат напишани и на албански јазик, пишува „Скопско ехо“.