Секој православен христијанин е запознат и воопшто, ја знае причината за постите за Велигден и Божиќ. Но, иако можеби знаат за постот за Успение, малкумина го држат овој пост, а уште помалку се прашуваат зошто постои, ниту пак, ја знаат неговата цел. Прво, со оглед на сеприсутното непознавање на целта на самиот пост, добро е да се потсетиме на неговата цел. Постои разбирање дека треба да постиме кога нешто бараме, небаре постот некако го успокојува Бога, и Тој гледајќи нè како „страдаме“, се одоброволува да го исполни нашето барање. Ништо не може да биде подалеку од вистината од таквото размислување. Нашиот пост не е она што му угодува на Бога, туку плодовите на нашиот пост (под услов да постиме со соодветен умствен став, а не само со диета) се богоугодни. Постиме, не за да го добиеме она што го бараме, туку за да се подготвиме да го добиеме она што Бог сака да ни го даде. Целта на постот е да нè доведе повеќе во склад со друга Марија, сестрата на Лазар, а да нѐ оддалечи од нивната сестра Марта, која во познатиот евангелски пасус била „загрижена и вознемирена за многу работи“. Постот има за цел да нè доведе до остварување на „едното што е потребно“. Тој ни помага да го поставиме Бог на прво место, а нашите желби на второ, ако не и на последно. Како таков, тој служи да нè подготви да бидеме орудија на Божјата волја, како Мојсеј при неговото бегство од Египет и на планината Синај, како постот на нашиот Господ во пустината. Постењето нè оддалечува од себе, а нѐ приближува до Бога. Всушност, тоа ни помага да бидеме како Богородица, послушната Божја слугинка, што го слушнала Неговиот збор и го зачувала подобро од кој било друг.
Значи, зошто постиме пред Успение? Во едно присно семејство, веста дека неговата Мајка (matriarch) е на смртна постела го запира вообичаениот тек на животот. Она што било важно (забави, ТВ, луксуз, лични желби) станува неважно; животот почнува да се движи околу Мајката што умира. Така е и со православното Семејство; зборот дека нашата Мајка (т.е. матријарх) е на смртна постела, не би можел (или барем, не би требало) да има поинаков ефект од оној што го спомнавме. Црквата, преку Молебниот канон ни дава можност да дојдеме покрај тој смртен одар и да ја восфалиме и да ја молиме жената што го родила Бог, садот на нашето спасение и наш главен застапник (advocate) пред Неговиот божествен престол. И како што е случајот со земното семејство, дневните рутини и препуштањето на личните желби треба да запрат. Постењето, во својата целосна смисла (воздржување од храна и похот) го постигнува тоа. Помалку време поминато во занимации или други занимливости, остава повеќе време за молитва и размислување за онаа што го родила Христос и станала првата и најголема христијанка. Размислувајќи за неа и за нејзиниот неспоредлив живот, гледаме образец на христијански живот, кој го отелотворува Христовиот одговор на жената што извикала дека Марија е благословена, затоа што Го родила: „Блажени се оние што го слушаат Неговото слово и го држат.“ Марија го извршила тоа подобро од кој било. Како што вели отец Тома Хопко, таа го слушнала Божјото слово и го зачувала толку добро, што од сите жени во историјата таа била избрана, не само да го слуша Неговото Слово, туку и да го роди (Него, Словото). Така, додека постиме размислувајќи за нејзиниот живот, се подготвуваме да живееме живот кој би бил сличен на нејзиниот живот. Тоа е целта на Успенскиот пост.
Кога се подготвуваше преставувањето / успeнието на твоето пречисто тело, апостолите собрани околу твојот одар, те гледаа со трепет. Додека тие го гледаа тело од страв опфатени, Петар извика со солзи, велејќи: Јасно те гледам, Дево, како лежиш, животу на сите, и се чудам. О, пречиста, во која се всели насладата на идниот живот, моли го својот Син и Бог, да го зачува твоето стадо неповредено.
(Од Утрената, стихира по Евангелието).
Извор: https://www.antiochian.org/regulararticle/713
Превод: протојереј Антониј Петрушевски