Куче питбул териер денеска во Нови Сад го нападна својот сопственик нанесувајќи му смртоносни повреди, јави дописникот на МИА од Белград.
Брзата помош излегла на местото на настанот, но можела само да констатира смрт.
– Нашата екипа интервенираше по дојава дека куче питбул териер го нападнало сопственикот и му нанело смртоносни повреди. Медицинскиот тим интервенираше по прв приоритет, но можеле само да констатираат смрт на лице место на 56-годишен маж, изјави портпаролот на итната помош д-р Зоран Круљ.
Според медиумите телото било пронајдено откако пожарникарите на повик од полиција ја скршиле вратата и влегле во станот.
Претходно синот на починатиот повикал полиција и итната помош бидејќи не можел да влезе во станот.
Кучето било преземено од ЈП „Зоохигиена и ветерина“ и веќе е успиено, додека полицијата направи увид во станот.
Другите околности на нападот засега се непознати.