Поради бришење на двете здруженија на македонските Бугари, со имиња на соработници на фашистите,ќе се проверуваат сите 17.000 здруженија во Македонија, објави Слободен печат.
– Наместо само здруженијата, што се именувани според бугарскиот цар Борис Трети и според Ванчо Михајлов, да добијат црвен картон како докажани соработници на фашизмот и нацизмот од Втората светска војна и во пропишаната законска постапка да бидат избришани од Централниот регистар, сега на проверка пред владината Комисија за употреба на имиња на личности ќе одат сите 17.000 регистрирани здруженија и фондации, пишува Слободен печат.
Македонската Влада, се додава во статијата, која дозволи така да се замрси работата со двете спорни здруженија на македонските Бугари сега може да се сопне, или да не мрдне ниту чекор натаму, а здруженијата именувани според фашисти да останат да ги провоцираат сите по ред во Македонија.
– Министерот за правда најдоцна до 16 март врз основа на мислењето од Комисијата треба да донесе решение за неусогласеност на двете спорни бугарски здруженија, а Централниот регистар врз основа на тоа мислење да ги избрише. Сепак е неизвесно дали министер за правда Кренар Лога ќе стаса да ја заврши процедурата до крајниот рок – 16 март, што власта и опозицијата есеноска самите си го одредија со консензус, пишува весникот.