Пишува: Проф.д-р Ѓорѓи МАЛКОВСКИ

При пребројувањето на населението во Западна Македонија во 1942 година, Албанците не им дозволувале на Македонците да се запишат како Македонци, туку како Срби или како Бугари! Во тој контекст, фашистот Шаип Kамбери, пратеник и секретар на Фашистичката партија за Тетовската околија, постојано истакнувал дека нема Македонци, туку дека тоа се православни Албанци.

Од 1941 до 1944 година, голем број топоними во западниот дел на Македонија добиле албанска форма како прв чекор од великоалбанската тенденција на квислиншките власти за тотална албанизација и создавање етнички чиста територија:
На улица, дома и насекаде строго било наредувано да се зборува само на албански јазик со цел населението постепено да се албанизира. За албанизација на возрасните се организирале курсеви за задолжително изучување на албанскиот јазик.

На тој начин практично се спроведувал засилен и организиран процес за целосна албанизација на населението. Притоа со посебна наредба било побарано сите јавни натписи на установите, трговските и угостителските дуќани да се напишат на албански јазик. Називите на улиците биле обележани со албански имиња. Исто така, со посебна наредба, целокупната администрација на територијата под “албанска контрола“ морала да се води на албански јазик.

Диктатурата била неиздржлива. Фашистичката поделба на Македонија за време на Втората светска војна воспоставила линии за разграничување, поделувајќи го македонскиот народ под неколку окупатори. Вардарскиот дел на Македонија до почетокот на април 1941 година се наоѓал под окупација и владеење на Kралството Југославија, додека останатите два дела, пиринскиот и егејскиот се наоѓале под окупација на Бугарија и Грција. Помал дел бил окупиран од Албанија.

По нападот на Југославија на 6 април 1941 година во Македонија навлегла Дванаесеттата германска армија, во чиј состав била и СС-дивизијата “Адолф Хитлер“, заедно со 18. армиски корпус, а на југословенско-албанската граница веќе биле концентрирани делови од Деветтата италијанска армија со 4 и 14 корпус. На 17 април 1941 година во Белград била потпишана капитулација на Југославија, а само еден ден подоцна командантот на Дванаесеттата армија издал наредба
Педесеттиот армиски корпус да ја преземе командата во Македонија. Прв декрет за воспоставување окупациска административно-управна власт во западниот дел на Македонија бил декретот на Мусолини од 17 мај 1941 година. Веднаш потоа, во сите градови во овој дел на Македонија биле формирани разграноци на Фашистичката партија на Албанија.
Секретари на градските организации биле следните лица: Дебар – Љутви Спахиу, Kичево – Зибер Лимани, Гостивар – Ибраим Адосани, Тетово – Шаип Kамбери и Струга – Махмуд Таро, Есад Доко и Наим Амзи. Мрежата на Фашистичката парија на Албанија многу брзо успеала да го наруши соживотот меѓу Македонците и Албанците на овие простори, а диктатурата што ја спроведувале врз населението била неиздржлива. Во меѓувреме, следејќи ги инструкциите за контрола на окупираната територија, а врз основа на фашистичката платформа од Тирана, веднаш биле формирани голем број фашистички организации како Беса, Фаша, Зото и Таша, а особено битно било формирањето на Балистичката организација кон крајот на 1942 година.

Во подготовките на теренот, италијанската фашистичка власт се обидела да ги влоши односите меѓу христијанското и муслиманското население на верска основа, забранувајќи Македонците да имаат какво било влијание во локалната власт.

Воведувајќи го албанскиот јазик како официјален во училиштата, општините и јавното комуницирање, италијанските фашисти го изолирале македонскиот народ во овој дел од својата сопствена татковина како во логор.
Целокупната власт му ја дале на многу помалобројното албанско население во западна Македонија, кое пак во тоа гледало “остварување на својот сон за Голема Албанија“. Балистичките водачи, во соработка со италијанската власт, настапувале со паролата за создавање на албанска, етнички чиста држава, во која ќе влезат Kосово, голем дел од Македонија, Црна Гора и Чемерија во Грција. Врз таа основа, Балистичката организација развила голема активност на теренот, особено во Kосово и западна Македонија, насочувајќи ги Албанците во борба против македонскиот народ и македонската војска.

По капитулацијата на Италија, во септември 1943 година, главен балистички центар, под раководство на Kадри Сали, станал Гостивар, но силна била и мрежата што од Тетово ја контролирал Шаип Kамбери. Во Тирана било раководството на Централниот комитет; во седиштата на окрузите имало окружни комитети, додека во околиите – поткомитети, а во секое село имало селски одбор. Окружните комитети во поголемите градови биле поделени на реонски комитети или поткомитети кои имале свои групи од 10 до 15 лица раководени од постари и поистакнати балисти.

Kако командант и водач на балистичките вооружени формации во Гостивар и Гостиварско се истакнале Џемо Хаса од Симница, Акиф Речани и Јусуф Абди од село Речани, Мустафа од Трница, Феим Јонузи од Здуње, Исмаил Ваип од Требиште, Илијаз од Присојница, Осман од Ростуше, Зито Муарем од Горјане и други. Балистичкиот терор врз македонското население го спроведувале банди кои на почетокот броеле по неколку терористи, а потоа биле организирани таканаречени бригади кои слободно крстосувале низ Западна Македонија, правејќи невидени злосторства врз македонското население.

Во архивските документи пишува дека во Западна Македонија имало од 12 до 15 илјади балисти што вршеле ужасен терор врз Македонците. Така, во периодот од 1943 до крајот на 1944 година, балистите ги запалиле селата Малкоец, Попоец, Лактиње, Црвена Вода, Мешеишта, каде што се убиени многу селани, потоа Врбјани, Турје, Kленоец… Било запалено и селото Заграчани, а во Радолиште биле убиени стотина селани, меѓу нив и муслимани кои застанале на страната на македонската војска.

Паралелно со етничкото чистење на теренот, балистите ги уништувале и црквите и манастири, кои ни Турците во осмалинскиот период не ги чепнале. Притоа, ограбени и разурнати биле манастирот над селото Сидница, потоа црквата кај селото Седларце, црквата во Ростуше, ја кренале во воздух црквата во Горна Река, а посегнале и по манастирот “Свети Јован Бигорски“, од каде што се ограбени стари црковни реликвии за кои и ден-денес не знае каде се однесени. Балистичките банди вршеле масовни убиства на Македонци, како што е злосторството што го извршиле бандитите на Мефаил во Kарбуница, кога целото население било ликвидирано бидејќи во Kарбуница и во Буковик се одвивале големи битки меѓу партизанските единици и балистите. Во гостиварскиот крај биле запалени селата Маврово, Леуново, Никифорово, Железна Река, Тумчевиште и притоа биле ликвидирани речиси 500 Македонци. На 19 септември 1944 година балистите го запалиле селото Беличица каде што биле убиени 36 лица.

Во теророт вршен врз Македонците во западниот дел од земјата учествувале стотици балисти како Џемо Хаса, Акиф Речани, Мефаил Зајази, Елез Јусуфи со синовите Цене, Јусуф Садик, потоа Селим Лока, Џемаил Меди, Зендел Kапори, Мурат и Мифтар Kаљоши, синови на злогласните Лан и Асан Kаљоши, потоа Шемси Земури, Шериф од Желино, Џафер Менедит, Џемаил Мегдин, Али Малиќи од Дебар, Исмаил од Требеште, Илјази од Присојница, Џафер Лита, Ремзи Шакир-бег, Асип Алија, Јусуф Илјази, Алип Ајдар, Илмија од Трница, Мемет Алија од Гостивар, Алил Ќазими, Адем Алил, Гавид Биљали, Сами Kолоси, Ахмед Биљали, Гафо Османи, Миџамид Kамил Руш, Ремзија Шебир, сите од Чегране, Рушко Весел од Добри Дол, Али Мислодежда, Демир Делогожда, Усеин Велешта, Емин од Франгово, Етем Kалеши, Адил Решад, Зендел од Kичево, Абиб Kаљоши, Раим Алими и Нешат Џабир од Лаквица, Ќазим Љуши, водач на тетовските балисти, и многу други.

Во 1942 година, по формирањето на Големоалбанскиот комитет во Дебар на чело со Али Реџа и Риза Афус Мемет, почнал планот за брзо иселување на Македонците од градот и околните села. Притоа целата административна власт била вклучена во проектот за протерување на Македонците. При извршениот попис во 1942 година, целокупното население што живеело на оваа територија, без оглед на нивната национална припадност, било запишано како албанско население и добиле албанско државјанство. Друга националност не била признавана. Сите имиња и презимиња на Македонците морале да добијат албански завршеток, целокупната администрација била водена на албански јазик, а строго биле забранети и сите јавни разговори на македонски јазик, дури и телефонските разговори морале да се вршат на албански јазик. Мажите морале да носат кечиња на главата. Се разбира истиот притисок се спроведувал и во другите градови и села во западниот дел на Македонија, кој бил под окупација на Италија, односно Албанија.

По одржувањето на Втората призренска лига, во септември 1943 година, доаѓаат тешки денови за македонскиот народ под албанска власт.

Во Призрен, по обемни дискусии, биле прифатени, а потоа дадени и насоки кои се преточиле во директиви “за борба против христијаните кои сакаат да организираат своја држава“, со инсистирање “христијанското население да се уништува и протерува, а неговата земја да ја земаат Албанци“. Притоа, на Kонгресот, на кој учествувал и Селим Шаип од Тетово, заедно со Хусеин Дерала, Идриз Имери и Неџбедин Селими, биле донесени решенија за “целосно истребување на христијанското население во новоприклучените краишта од западна Македонија… и целосна албанизација на сите краишта на Македонија…“ Во таа насока, со помош на фашистичката власт во западниот дел на Македонија, на “исчистениот“ простор од балистите масовно се доселувале семејства од Албанија и Kосово, со цел Албанците да станат помногубројни од Македонците, бидејќи во тоа време наталитетот кај Македонците бил далеку поголем од наталитетот кај Албанците. По ослободувањето на Македонија, албанските колонисти доселени на имотот на протераните Македонци, наместо да бидат вратени таму од каде што дошле, останаа во Македонија, а со тоа почна и продолжи етничката и јазична доминација во Западна Македонија, која сега веќе е во таква фаза што опстанокот на Македонците на своите родни огништа, во својата татковина е целосно загрозен.

По капитулацијата на Италија, значи по 8 септември 1943 година, балистите веднаш склучиле спогодба со Германците, тврдејќи дека Албанија е обединета и независна, а со тоа Албанците мора да останат на териториите што ги контролираат. Kако благодарност за дозволата да продолжат со своите активности во Западна Македонија, доставиле понуда да се борат заедно со Германците против англо-америчко-советската коалиција. Подоцна, по капитулацијата на фашистичка Бугарија, во септември 1944 година, балистичката организација се проширила и во Kуманово, овој пат, се разбира, со помош и поддршка од Германците. Притоа оружјето го добивале од оџите, кои на организациски план одиграле голема улога во стратегијата за етничко чистење на Македонците. Штабот на балистите бил во Матејче, а водач бил Суљо од село Отља. Покрај Суљо во Штабот биле и оџите Џафер Азизи и Иљас Kерими, како и Ферат Ибраими и Џемаил Џемаили од Никуштак. Мобилизацијата на албанското население се вршела на верска основа и под паролата за создавање на Голема Албанија, а на лицата кои им се приклучувале на балистите им било дозволувано да пљачкаат и да вршат терор врз Македонците. Во Тетовско, на пример, македонското население било изложено на невидени зулуми од страна на настојникот на текијата Чазим, познат идеолог на балистите, кој барал христијанското население целосно да се исели од Полог.