Францускиот претседател Емануел Макрон сѐ повеќе размислува за организирање референдум за решавање на кризата предизвика од протестите на „жолтите елеци“, кој би можел да се одржи на 26 мај, за кога се закажани изборите за Европскиот парламент, пишува денеска весникот „Журнал ди Диманш“ .
Според извори блиски до властите на Франција, Министерството за внатрешни работи кон крајот на неделата добило инструкции да биде подготвено за организирање гласање, кое, покрај безбедност, подразбира и контактирање печатници задолжени за печатење на гласачките ливчиња и друг изборен материјал.
„Журнал ди Диманш“ потсетува дека големата национална дебата за решавање на кризата, која ја покрена Макрон, завршува во средината на март, оценувајќи дека референдумот би претставувал дел од решавањето на кризата.
Извор близок на Елисејската палата вели дека Макрон наскоро треба да одлучи за тоа.
Во Франција, на вчерашниот протест на „жолтите елеци“ се собраа 58.600 луѓе.
Протестите, започнати на 17 ноември, кои се одржуваат секоја сабота во најголемите градови, не стивнуваат и покрај најавените отстапки од власта и покренатата дебата.