Денешниот театар на министерот Бојан Маричиќ и СДСМ во врска со ослободувањето на Сашо Мијалков е евтин театар, велат од ВМРО-ДПМНЕ во првичната реакција по одлуката на Апелацискиот суд да го укине притворот и негативни реакции од власта.

„Во услови кога државава е 111-то место на скалата за корупција и најкорумпирана во Европа, кога се прават списоци за помилување по партиска желба на власта и кога власта со истите свои инсталации во судството не реагира за ниту една афера и криминал, евтин е театарот којшто денес го изведува Маричиќ и СДСМ, партија која ја раководат корумпирани политичари и е во нераскинлива врска со криминалот“, гласи ставот кој го испратија од ВМРО-ДПМНЕ до медиумите.

Апелација донесе одлука да ја прифати жалбата на Мијалков и понудената гаранција од 11 106 501 евро со цел тој да се брани од слобода. Дополнително, му одреди мерки на претпазливост – одземање и забрана за издавање нов пасош и обврска да се јавува во судот.

Се најавува дека утре Судскиот совет, на седница на работно тело на Советот, ќе дискутира и ќе донесе став за одлуката на Апелацискиот суд во Скопје да го укине притворот на бившиот директор на УБК.