Тимчо Муцунски, градоначалникот на Аеродром, објави статус на социјалните мрежи со кој го обвинува МВР дека не го затворил делот на булеварот „Јане Сандански“ додека се одржува предновогодишната забава на општината за најмладите пред Капитол Мол.
„МВР повторно нема слух за барањата на Општина Аеродром
Во претходните неколку денови активно работевме при организација на настанот за најсаканите ,,Најмладите за Аеродром”. Настан кој собра многу дечиња на едно место, одлична забава за аеродромци.
И покрај позитивната енергија, честитките, забавата приредена од македонските артисти, повторно проблем со МВР.
По повеќе од една недела официјално барање за затворање на булеварот Јане Сандански од пределот од Веро до ДежаВу не најдоа време за соодветен одговор… Во држава каде се блокираат раскрсници за најмали ситници, ние не добивме соодветен одговор и наидовме на разбирање од МВР за хуманитарен концерт“, напиша Муцунски.
Градоначалникот на Аеродром смета дека со овој чин МВР ја загрозил безбедноста на жителите на Општина Аеродром и ги довел во ризик многу дечиња заради прометниот сообраќај на овој предел.
Бараме најитно да престане ваквиот однос од страна на МВР и конечно да се воспостави професионална соработка за доброто на жителите од Општина Аеродром – порачува тој.