Само 17 пензионери имаат пензии поголеми од 60.000 денари, а само 0,1 отсто имаат пензија повисока од 50.000 денари, објави порталот Фактор.

Просечната земјоделска пензија не е ниту 8.500 денари, инвалидската пензија е пониска од 15.000 денари, семејната одвај надмина 13.000 денари,а воената што важи за највисока е одвај 385 евра. Просечната пензија во земјава за март годинава изнесува 266 евра!

Само 17 мина од вкупно 326.049 пензионери добиваат пензија што е повисока од 60.000 денари. Станува збор за нови пензионери за кои се плаќани највисоки придонеси, а нивните пензии се усогласени со актуелните законски коректори. Всушност највисоките пензии изнесуваат 60.294 денари и се за само 10 евра повисоки од досега највисоката пензија која изнесува 59.674 денари.

Според официјалните најнови податоци на државниот Фонд за пензиско осигурување пензии повисоки од 50.000 денари земаат само 351 пензионер, а тоа е одвај 0,1 отсто од сите пензии.

Најновите податоци покажуваат дека повеќе од 10.000 пензионери месечно примаат 204 до 214 евра пензија.

Во март повеќе од 88.000 пензионери добиле пензии кои не се повисоки од 11.500 денари. Тие се 27 отсто од сите пензионери.

Извор: Фактор