Милиони жени во Соединетите Американски Држави ќе го изгубат законското право на абортус, откако Врховниот суд ја укина одлуката стара 50 години со која беше легализиран на национално ниво.

Судот ја укина одлуката по случајот Роу против Вејд, повеќе недели откако беа објавени документите со кои беше навестено дека такво решение ќе биде донесена.

Оваа одлука на американскиот суд радикално и од корен ќе го промени правото на жените на прекинување на бременоста, при што се очекува повеќе сојузни држави да ја забранат процедурата.

Очекувањата се дека дури половина од американските држави ќе воведат нови ограничувања или забрани.

Тринаесет држави веќе усвоија закони со кои автоматски ќе се забрани абортусот, доколку таква одлука донесе Врховниот Суд. Повеќе други, кои важат за бастион на републиканците, најверојатно многу бргу ќе усвојат нови ограничувања.

Се на се, предвидувањата се дека околу 36 милиони жени ќе го изгубат пристапот до абортусот, според истражувањето на Семејно планирање, организацијата која обезбедува пристап за жените до можноста за прекинување на бременоста.

Суштински оваа одлука е кулминација на повеќе децениската битка на конзервативните и религиозни лоби групи во САД против абортусот, како и на конзистентниот пристап на Републиканците да ја користат секоја можност и да именуваат свои истомисленици во Судот.

„Одлуката на судот е всушност кулминација на повеќе децениските обиди на противниците на абортусот да ја сменат одлуката за Роу против Вејд. Ова пред се го овозможи именувањето на тројца членови на Врховниот Суд од страна на поранешниот претседател, Доналд Трамп. Пред тоа, ќе беше незамисливо судот да донесе ваква крупна одлука“ – изјави Марк Шерман, репортер од Врховниот суд за Асошијејтед прес.

Врховниот суд го разгледуваше случајот, Добс против организацијата за женско здравје, Џексон, со која правно беше предизвикана забраната на абортусот во Мисисипи по 15-тата недела.

Но, конзервативното мнозинство на Судот, гласаше 6 наспроти 3 во корист на Мисисипи, чисто по идеолошки линии, со што ефективно се стави крај на уставното право на абортус.

Во дел од одлуката на судот се вели дека Уставот не доделува право на абортус и дека овластувањето да се регулира абортусот правно мора да биде вратено на граѓаните и нивните избрани претставници.

Со оваа одлука целосно се укинува претходна одлука на Врховниот Суд, што е исклучетелно редок случај а многу веројатно ќе се предизвикаат и политички битки кои дополнително ќе ја поделат нацијата.

Во државите каде не постои јасно мнозинство за или против абортусот, како Пенсилванија, Мичиген и Висконсин, легалноста на правото за прекинување на бременоста може да зависи од избори до избори.

Во други пак, по оваа одлука, се очекуваат нови правни битки, вклучувајќи и околу тоа дали жените ќе смеат да имаат абортус надвор од границите на нивната држава или пак да нарачуваат преку пошта лекови за прекинување на бременоста.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп на Фокс њуз ја коментираше одлуката на Врховниот суд со која беше поништена 50-годишната пресуда со која се легализираше абортусот во целата земја. По повод таа одлука, која предизвика бура и во американската и во светската јавност, пред граѓаните ќе се обрати претседателот Џо Бајден.

-Господ ја донесе одлуката, рече Трамп, кој за време на неговиот мандат назначи тројца конзервативни судии во Врховниот суд.

Наспроти него, американскиот претседател Џо Бајден го опиша денешниот ден како „тажен ден“ за земјата:

– Здравјето и животот на жените во оваа нација сега се загрозени!, изјави Бајден.

Бајден дополнително го обвини поранешниот американски претседател Доналд Трамп за одлуката на американскиот Врховен суд.