Руското Министерство за надворешни работи денеска ги обвини САД дека стојат зад забраната на Литванија за премин на стоки од Русија во нејзината ексклава Калининград, што ги зголеми и онака високите тензии меѓу Москва и Западот.

Таканаречениот „колективен Запад“, со експлицитни упатства на Белата куќа, воведе забрана за железнички транзит на широк спектар стоки низ провинцијата Калининград“, се наведува во денешното соопштение на руското Министерство за надворешни работи.

Се наведува дека овој потег е дел од моделот на „растечки непријателства од страна на САД против Русија“.

Литванија, членка на Европската унија, минатата сабота почна да го блокира транзитот на руска стока од листата на санкции на ЕУ, откако стапија на сила новите ограничувања.

Москва остро го критикуваше потегот, нарекувајќи го „блокада“ и вети строг одговор.

Официјален Вилнус вчера, преку претседателот Несауда, возврати дека е подготвен во случај Русија да ја исклучи Литванија од регионалната енергетска мрежа.

Руските власти проценија дека забраната ќе запре меѓу 30 и 50 отсто од стоковниот сообраќај, но тие, исто така, додадоа дека стоката може брзо да се пренасочи кон бродовите што минуваат низ Балтичкото Море.

Литванската премиерка Ингрида Симоните во средата кажа дека тврдењата на Русија за блокадата се неточни.Таа додаде дека патничкиот сообраќај продолжува непречено и дека стоката опфатена со забраната сочинува само еден процент од вкупниот руски товарен транзит до Калининград.