Удар од гром ноќеска неколку минути по полноќ пеплоса четири куќи на улицата Кузман Шапкарев во Прилеп.

Седуммина станари останаа без покрив над главта.

Нема повредени, ниту жртви, сите се спасени благодарение на соседот кој прв видел дека громот удри на балконот од едната куќа, по што пожарот со огромна брзина ги зафати и другите три кои изгореа до темел

„Ја викнав пожарната која дојде за 3 минути. Јас ги разбудив сите, ама за 30 секунди се изгоре до темел“ – вели Гоце Петревски, сосед.
Синоќа интервенираше и итната помош за вознемирените сопственици, кои и денеска се уште се во шок и вознемирено раскажуваат за трагедијата.

„Ние спиевме, ако комшијата ни свика да излеземе, сите ќе изгоревме. Четири фамилии остануваме без дом за живеење“ – вели Пецо Илиевски.

„Мајка ми едвај ја разбудив, не и беше добро. Легнавме порано, станавме, здрави живи излеговме, после за неколку секунди се се сруши “ – рече Ивана Ѓорѓиеска.

„Се случи трагедија која никому не ја посакувам. Ја гледаш куќата во пламен, од нигде никаде. Не гори куќата, душата ми гори“ – вели Марина Илиеска

Прилепската противпожарна единица интервенираше со 10 противпожарни возила и 17 пожарникари.

Сепак околу дваесетина минути пожарникарите не можеле да гаснат додека ЕВН не ја исклучи електричната енергија во објектите кои ги голташе огнот.

„Имаме такви случаи кога доцни екипата. Не е возможно гасење под напон, има колеги кои тоа го почувствувале со струен удар. Тоа е ризично и за сопствениците и за нас, пожарникарите“ – изјави Златко Наумоски командир ТППЕ Прилеп

Локалната самоуправа најави парична помош и привремено сместување на луѓето.

Седумтемина прилепчани кои останаа без своите домови, молат да им помогнат и граѓаните кои се во можност,како и стопанствениците и институциите.