Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски одржаа средба со лозарите и со претставници на винариите. По средбата премиерот Ковачевски на прес-конференцијата истакна дека годинава е постигнат договор за историски најголемо зголемување на откупната цена на грозјето од 30 проценти.

Како што нагласи Ковачевски, земјоделството е приоритет и во време на криза.

-„Смедеревката“ ќе се откупува по просечна цена од 13 денари за килограм, а „вранецот“ по 15 денари што е за три денари повеќе споредено со ланските откупни цени. Верувам дека и винариите и лозарите се задоволни од постигната цена и верувам дека договорите ќе бидат испочитувани од двете страни, истакна Ковачвески.

Тој потсети дека прв пат оваа година, на самиот почеток на кризата, Владата реагираше со брзи одлуки.

-Ја донесовме Програмата за Интервентен фонд, со почетен буџет од  400 милиони денари, а со ребалансот на Буџетот, овој Интервентен фонд беше зголемен со дополнителни 500 милиони денари што е вкупно 900 милиони денари за мерки за поддршка на земјоделците во услови на криза, покрај редовните субвенции кои што беа во целост програмирани. Токму во овој Интервентен фонд се обезбедија и мерки за поддршка на лозарите и винариите, за да имаат помали трошоци и одржливо производство, односно 120 милиони денари за поддршка на винариите и дополнителни два денара за килограм откупено грозје за лозарите, рече Ковачевски.

Премиерот дополни дека домашното просечно производство на грозје е стабилизирано на околу 270 илјади тони на годишно ниво, додека просечното годишно производство на вино е околу 100 милиони литри.

-Македонското вино е во светот познато по својот квалитет, а нашата земја важи за еден од лидерите според вредноста на извезеното вино во регионот, односно втор најголем извозник после Грција. Минатата година македонските винарии извезле вино во вредност од над 61 милиони долари, што е зголемување од над 19% во споредба со претходната 2020 година. Паралелно се зголемува и бројот на винарски визби, кој заклучно со август 2022 година е 139, со вкупен капацитет од околу 200 милиони литри. Се овозможи финансиска поддршка до 10.000 евра за малите семејни винарии за набавка на опрема за производство, мерка која предизвика голем интерес кај овие мали семејни винарии. Секоја година се одвојуваат средства за промоција на македонските вина на саемите низ светот, а се подготвуваа и нов закон за вино усогласен со ЕУ, односно и со регулативите на ЕУ и кој  придонесува да имаме поквалитетно македонско вино, потенцира премиерот.