Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска ја започнува дводневната студиска посета на Хрватска, организирана под мотото „Заедно во заштита на менталното здравје на деца и млади“.

Целта на оваа посета, соопштија од МТСП, е размена на позитивни пракси од Хрватска за унапредување на положбата на младите, како и промоција на грижата на нивното ментално здравје.

За време на посетата, како што е најавено, министерката Тренчевска ќе оствари средба со хрватските министри за труд, пензиски систем, семејство и социјална политика и за здравство, Марин Пилетиќ и Вили Берош, како и со градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ.

Тренчевска ќе учествува и на повеќе тркалезни маси, а ќе ги посети и центарот за справување со булинг „Лука Риз“, Поликлиника за заштита на деца и млади и Центарот за здравје на младите.

– Заложбите на Министерството за труд и социјала политика за унапредување на животниот стандард на младите е приоритет. Во наредниот период размената на позитивните пракси и искуства во делот на заштита на деца и млади ќе бидат искористени во креирањето на политики, соопштуваат од МТСП.