Како што … Македонија напредува во реформите, така го трасира својот пат кон ЕУ, објави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на платформата Икс по вечерашната средба со шефот на државата Стево Пендаровски во Скопје.

– Со нетрпение очекуваме да ви посакаме добредојде вам, на вашиот посебен идентитет и на вашиот јазик, македонскиот јазик, наведе Фон дер Лајен, изразувајќи задоволство што нејзината турнеја низ земјите од Западниот Балкан во следните три дена ја започнува токму од Скопје.

Како што претходно соопшти Кабинетот на Пендаровски, на средбата станало збор за процесот на пристапните преговори на земјава за членство во Европската Унија, за актуелните политички случувања во Македонија и за тековните состојби во регионот.

Во таа насока биле разменети информации за натамошните фази во преговорите по завршување на скриниг прoцесот и за динамиката на спроведување на реформите.

На средбата било разговарано за претстојниот извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија како земја-кандидат, како и за Планот за раст на Западниот Балкан, при што претседателот Пендаровски се заблагодарил за поддршката и посветеноста од Европската Унија на политиката на проширување и интеграција на земјите од Западен Балкан.