Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ ја пречека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која штотуку пристигна на Меѓународниот аеродром Скопје.

-Добредојде во Скопје за претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од каде ја започнува турнејата низ Западен Балкан. Посетата е позитивен сигнал за европската перспектива на регионот и е во клучен момент за нашиот евроинтегративен процес, напиша Маричиќ на својот Фејсбук профил.

Тој наведува дека „имаме важни прашања кои треба да ги отвориме за реформите и обврските пред завршувањето на скрининг процесот и пред објавата на годишниот Извештај за напредокот за 2023 година“.

-На утрешниот состанок очекувам корисна и плодна дискусија фокусирана на следните чекори и планови за брз напредок кон полноправно членство во ЕУ, стои во објавата на Фејсбук профил на вицепремиерот Маричиќ.

Претседателката на Европската комисија вечерва ќе има работна вечера со претседателот Стево Пендаровски, а утре премиерот Димитар Ковачевски со свечена церемонија ќе ја пречека на платото пред Владата, по што ќе следува билатерален состанок на двете делегации и заедничка прес-конференција.

Од Скопје, претседателката на ЕК ја започнува четиридневната турнеја низ државите на Западен Балкан, а пред да продолжи за Приштина заедно со премиерот Ковачевски, вицепремиерот за европски прашања Маричиќ и евроамбасадорот Гир, ќе го посети индустрискиот капацитет „Џанвики ДОО“ за преработка на зеленчук и овошје, најголемиот корисник на ИПАРД програмата во државата.